Грузиската влада денеска се закани дека ќе ја уништи „либерално-фашистичката“ опозиција. Оваа изјава следи по проевропските протести во земјата, на кои властите одговорија со сè поголеми репресии.
- Ќе направиме сè за целосно уништување на либералниот фашизам, изјави премиерот Иракли Кобахиѕе на прес-конференција.
Владата, која се соочува со обвинувања за авторитаризам и наклонетост кон Русија, неодамна уапси тројца лидери на опозицијата. Кобахиѕе тврди, без да понуди докази, дека протестите се финансирани од странство со цел предизвикување револуција.
Грузија е во длабока политичка криза по парламентарните избори на 26 октомври, кои според опозицијата биле фалсификувани. Масовни протести започнаа откако владата објави дека ги прекинува преговорите за пристапување кон Европската Унија до 2028 година.