Фудбалерот на Рома, Едоардо Бове, кој настапува како позајмен играч во редовите на Фиорентина, го напушти одделот за интензивна нега и продолжува со закрепнувањето, објави денеска директорот на клубот од Фиренца, Алесандро Ферари.

Минатиот викенд, за време на натпреварот од Серија А меѓу Фиорентина и Интер, Бове колабираше на теренот во 17. минута, откако се наведна да ја намести копачката при прекин за проверка на ВАР. Веднаш беше пренесен во блиската болница Кареги, каде со помош на лекарите се освестил.

„Едоардо е сè подобар, се закрепнува и сите сме среќни поради тоа. Мора да бидеме трпеливи. Го смени одделот, но лекарите сè уште многу внимаваат на него и е под голем надзор. Тој е во вистински раце“, додаде директорот на Фиорентина.

Иако се направени бројни тестови, лекарите сè уште не ја конкретизирале дијагнозата, но првенствено се сомнева дека Бове има миокардитис, односно воспаление на срцевиот мускул.

Во моментов, 22-годишниот Бове е на кардиолошкото одделение, а лекарите продолжуваат да ја истражуваат причината за срцевиот удар. Во текот на својата кариера, Бове беше член на сите италијански репрезентации, вклучително и на репрезентацијата до 21 година



Автор: Администратор
Објавено на: 06/12/2024 03:26