Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) формираше Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, клучен механизам за мониторинг и брза реакција во услови на потенцијални кризни ситуации или нарушувања во енергетскиот систем.

На првиот состанок, како што соопштија од МЕРМС, Комисијата ги постави основите за нејзиното работење и го усвои планот за редовна анализа на состојбите на домашниот и регионалниот енергетски пазар. Формирањето на Комисијата е иницијатива на министерката за енергетика, Сања Божиновска, со цел унапредување на енергетската безбедност и навремено справување со итни ситуации, како хаварии или природни непогоди.

Комисијата ќе биде одговорна за координација помеѓу сите релевантни институции, енергетски компании и експерти; за постојано следење на снабдувањето со електрична енергија; за анализа на пазарните состојби и потенцијалните ризици; за предлагање конкретни мерки за спречување на кризни сценарија.

- Формирањето на оваа Комисија е пример за проактивност во енергетскиот сектор. Целта не е само реакција на криза, туку и градење систем кој превенира и обезбедува стабилност за граѓаните и економијата, изјави министерката Божиновска.

Комисијата ќе се состанува редовно за да ги анализира состојбите, а во услови на прогласена криза, состаноците ќе се одржуваат секојдневно. Покрај претставници од Министерството, во работата ќе бидат вклучени и надворешни експерти за обезбедување на сеопфатни и навремени решенија.

Министерството ќе ја информира јавноста за сите препораки и одлуки на Комисијата, како и за конкретните чекори кои ќе се преземат за унапредување на енергетската безбедност.

Со оваа иницијатива, Македонија се позиционира како одговорен енергетски актер кој проактивно ги адресира предизвиците на современото енергетско опкружување, наведуваат од МЕРМС.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/12/2024 05:35