Новата извршна власт на Европската унија, предводено од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, стапи на должност во неделата (1 декември) во услови кога блокот од 27 држави се соочува со нова геополитичка реалност.

Безбедноста и одбраната во контекст на руската агресија на источното крило на ЕУ, тензиите на Блискиот Исток, слабата конкурентност, економското ривалство со Кина, загриженоста околу трговијата пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа и нелегалната имиграција - новата Комисија се соочува со огромна задача.

Минатата недела, Европскиот парламент го одобри петгодишниот мандат на новата Комисија со 370 гласа за, 282 против и 36 воздржани. - Немаме време за трошење. Мораме да бидеме амбициозни бидејќи заканите се сериозни, Фон дер Лајен рече во обраќањето кон европратениците пред гласањето.

Каја Калас, поранешната премиерка на Естонија, ја презеде функцијата на висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, наследувајќи го поранешниот шеф на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел. Покрај новиот тим на еврокомесари, и поранешниот португалски премиер, Антонио Кошта, ја презеде функцијата претседател на Советот на Европската Унија од поранешниот претседател, Шарл Мишел.

Лидерскиот тим на новата Европска комисија се состои од 27 члена, по еден за секоја земја членка. Новото лидерство на ЕУ се подготвува од изборите за Европскиот парламент во јуни.

Силни сигнали за Европа - и за Украина

Првиот работен ден, Кошта и Калас, придружени од комесарката за проширување, Марта Кос, го искористија да го посетат Киев и да испратат порака дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина против руската агресија и на патот кон членство во ЕУ. - Ситуацијата во Украина е многу, многу сериозна, Калас рече.

Според Кошта, поддршката подразбира хуманитарна, финансиска, воена и дипломатска поддршка.

Во однос на пристапниот процес на Украина, Кос, која беше амбасадорка на Словенија во Германија и Швајцарија, рече: „Моето ветување е дека ќе направам сè што можам да ве донесам до крајната цел во процесот на преговори“.

Европската Унија официјално ги започна пристапните преговори со Украина во јуни. Во неделата Кошта рече дека ќе работи со Киев за да отворат барем две поглавја во првата половина од 2025.

Поради руската агресија, ЕУ го промени односот кон политиката на проширување со своите источни соседи кога им даде статус на земји кандидати на Украина, Молдавија и Грузија. Тоа беше незамисливо пред војната, бидејќи Унијата е традиционално претпазлива околу проширувањето - но руската инвазија на Украина во 2022 даде нов поттик за проширувањето на блокот.

Сепак, Кошта рече дека се противи на „вештачки поставени рокови“ во пристапниот процес, со што отстапува од позицијата на Шарл Мишел, кој рече дека ЕУ и земјите кандидати треба да бидат подготвени за проширување до 2030.

Повеќе средства за одбраната

Додека ги претставуваше приоритети на новата Комисија минатата недела, Фон дер Лајен ја нагласи важноста од зголемени трошоци за одбрана и потребата да се одржи единството на Унијата.

Зајакнувањето на европската одбрана стана приоритет кога Русија ја почна инвазијата на Украина во 2022. Сепак, според Комисијата, трошоците за одбрана изминатите децении се премногу ниски и недоволно координирани за да бидат во чекор со Русија и Кина.

- Нашите одбранбени трошоци мора да се зголемат. Потребен ни е единствен пазар за одбрана. Треба да ја зајакнеме индустријата, рече Фон дер Лајен.

Колективно, Европа потроши околу 125 милијарди долари (119 милијарди евра) за поддршка на Украина од почетокот на инвазијата во 2022. САД одвои над 90 милијарди долари (85 милијарди евра), според Институтот Кил, независна и непрофитна германска истражувачка институција и тинк тенк.

Претходно Фон дер Лајен изјави дека во следната деценија блокот ќе треба да инвестира 500 милијарди евра (526 милијарди долари) за да остане во чекор со Русија и Кина. Ова стана многу поитно по реизборот на Доналд Трамп за американски претседател, поради загриженоста дека тој би можел да ја намали посветеноста на САД кон европската безбедност и поддршката за Украина.

ЕУ првпат ќе има комесар за одбрана, Литванецот Андриус Кубилиус, кој заедно со новиот шеф на дипломатијата Калас, е задолжен да креира план за европската одбрана во првите 100 дена од новата Комисија.

Што друго да очекуваме од првите 100 дена на Комисијата

Претседателката на Комисијата, Фон дер Лајен најави дека друг главен фокус на нејзиниот тим треба да биде враќање на економската конкурентност на ЕУ, со цел да го избегне она што поранешниот италијански премиер Марио Драги го нарече „бавна агонија“ на падот.

Блокот има потешкотии да остане во чекор со САД и се соочува со зголемена конкуренција од Кина во услови на бројни предизвици, како ниската продуктивност, бавниот раст, високите цени на енергија и малите инвестиции.

Французинот Стефан Сежурне, задолжен за индустриската стратегија на ЕУ, ќе мора да соработува со Тереза Рибера од Шпанија, новата шефица за конкуренција и зелена транзиција на ЕУ, во обид да ја усогласи потребата за економски раст со климатските амбиции без да ја загрози конкурентноста на европските компании.

„Компасот за конкурентност“ што ќе ја обликува стратегијата на Комисијата, ќе биде првата голема иницијатива, најави Фон дер Лајен минатата недела. Трите главни столба од компасот ќе бидат зајакнување на иновациите, поддршка за декарбонизацијата на економијата и диверзификација на снабдувањето со суровини.

Таа има намера да го претстави и претходно најавениот договор за чиста индустрија во првите 100 дена од мандатот. Договорот има за цел да овозможи инвестиции, ЕУ да стане водечки пазари за чисти технологии и да создаде услови за европските компании да можат да растат и да се натпреваруваат со нивните ривали во Кина или САД.

Со цел да се зајакне иновацијата, комесарката за старт-апи, истражување и иновации, Бугарката Екатерина Захариева, е задолжена да ја подобри Европската истражувачка област и вети дека ќе претстави нов европски акт за иновации. Таа исто така има намера да ги поттикне земјите-членки да ја постигнат целта за одвојување три проценти за истражување и иновации. Захариева е и задолжена да развие темелна стратегија за старт-апи.

Фон дер Лајен истакна дека сака да се справи со кризата во автомобилската индустрија предизвикана од транзицијата кон технологии со низок јаглерод, прекините во синџирите на снабдување, зголемената конкуренција од Азија и падот на побарувачката за електрични возила.

Во однос на енергетската безбедност, цените и станбената криза, Данецот Дан Јоргенсен, како комесар за домување и енергија, е задолжен да работи на намалување на цените за енергија и да ја направи ЕУ независна од рускиот гас.

Во време кога блокот цели да го зголеми производството на енергија од обновливи извори, поранешниот дански министер рече: „Нема сомнеж дека зелената транзиција е под притисок во многу држави на ЕУ. Но, голем оптимист сум дека ние, во Европската комисија, можеме да продолжиме да бидеме доста амбициозни“.

Фон дер Лајен го повтори и нејзиниот цврст став кон миграцијата. Нерегуларните гранични преминувања во Европската унија се намалија за 43 проценти оваа година, откако достигнаа скоро десетгодишен рекорд во 2023 - сепак миграцијата е високо на политичката агенда по добрите резултати на екстремната десница во повеќе држави.

Во октомври, лидерите на ЕУ побараа да се усвои нов, итен закон за да се зголеми и забрза бројот на депортации и Комисијата да разгледа „нови начини“ за сузбивање на нерегуларната миграција. Фон дер Лајен вети дека брзо ќе претстави предлог, само неколку месеци откако блокот ја усвои реформата на процедурите за азил после долги преговори.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/12/2024 02:48