Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека добил пријава на бројот за итни случаи 112 од жител на кочанското село Видовиште дека е во многу лоша здравствена состојба и поради неподвижност три дена не консумирал храна и течности.

По неговото барање „надлежните институции да се заинтересираат за неговиот случај и да преземат соодветни мерки“, ЦУК контактирал неколку институции за „итно да излезат на терен“, при што од Итната медицинска помош Кочани и СВР Штип одговориле дека немаат надлежност да интервенираат.

Контактиран бил и Црвениот крст Скопје, како и претседателот на ОО Црвен крст Кочани кој, како што наведува ЦУК, известил дека во текот на денот преку нивните волонтери ќе биде доставена храна и вода до болното лице во с.Видовиште.

-Контактирано е со директорот на Јавно комунално претпријатие „Водена кула" од Зрновци и од нивна страна е испратено лице во манастирот во с. Видовиште од каде што ќе биде однесено јадење и други потреби на пријавителот. На првиот работен ден (вторник) лицето ќе биде посетено од одговорни лица од Центарот за социјални работи Кочани за преземање мерки во нивната надлежност, соопшти ЦУК.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2024 04:36