Тајван денеска соопшти дека Кина испратила свои бродови во неговите води пред големите воени вежби како одговор на неодамнешната посета на тајванскиот претседател Лаи Чинг-те на Хаваи и Гуам.
Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека забележало како бродови на кинеската морнарица и крајбрежна стража влегуваат во Тајванскиот теснец и во западниот дел на Тихиот Океан и дека Кина до задутре го ограничила воздушниот простор долж нејзиниот југоисточен брег.
Потврда за овие потези немаше од кинеска страна.
Во тајванското соопштение се наведува дека е формиран центар за реагирање при вонредни случаи и започнати се вежби за проверка на борбената готовност. Не е прецизирано што подразбираат овие вежби.
Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те ги посети Хаваите и Гуам за време на еднонеделната турнеја низ Пацификот што заврши во петокот. Кина тврди дека Тајван е негова провинција која не треба да има свој претседател или да извршува дипломатски работи и се противи на американската поддршка и продажбата на оружје на Тајван.