Поранешниот американски советник за национална безбедност Џон Болтон изјави дека со доаѓањето на Доналд Трамп на власт може да се обнови идејата за размена на територии меѓу Белград и Приштина.

За размена на територии многу се разговарало во претходниот мандат на Доналд Трамп, а Болтон за приштинскиот портал Teve1 вели дека идејата му ја презентирал поранешниот британски премиер Тони Блер.

„Идејата за територијална размена меѓу Косово и Србија прв ми ја предложи поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер. Потоа разговарав за тоа со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со поранешниот претседател на Косово. Хашим Тачи сметав дека оваа опција е во интерес на стабилноста на Балканот, да се најде решение за недовршените конфликти“. Болтон не ја исклучува можноста идејата за размена на територии да се врати на преговарачка маса.

„Мислам дека за време на вториот мандат на Доналд Трамп би можела да се оживее идејата за размена на територии. Но, за ова е потребна волја од Косово и Србија за да се придвижи напред кон подобра иднина. Според мене, овој договор нема да претставува ризик на другите земји во регионот бидејќи тоа би бил договор само меѓу Косово и Србија со согласност на двете страни“.

Американскиот дипломат зборуваше и за геополитички промени, велејќи дека Русија претставува закана за регионот на Западен Балкан.

Тој додава дека идејата за размена на територии бара подготвеност и на Белград и на Приштина, но оти смета дека тоа е опасност и за другите земји во регионот.

„Не може да се очекува од САД сами да ги решат проблемите. Моето прашање е дали Косово и Србија се доволно решени да ги надминат своите проблеми“, заклучи Болтон.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2024 10:14