Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ денеска ги дефинираше стратешките насоки на ЕУ за законодавно и оперативно планирање во областа на слободата, безбедноста и правдата.

Според унгарскиот министер за внатрешни работи Шандор Пинтер, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, овие стратешки насоки ја нагласуваат единствената позиција на земјите членки на Унијата во однос на справувањето со миграциските предизвици, враќањето на нормалното функционирање на Шенген зоната, гарантирање на безбедноста на граѓаните на ЕУ и борбата против криминалот.

- Помина една деценија откако беа дефинирани последните стратешки насоки и по десет години успешно стигнавме до заедничка позиција. Унгарското претседателство одигра клучна улога во обликувањето на идните насоки за миграцијата и безбедноста. Ова е значаен договор, кој покажува заедничка визија за значајна акција и политика, додаде Пинтер.

Унгарскиот министер за правда Бенце Тусон, пак, нагласи дека соработката во сферата на правосудството е клучна за заштита на основни слободи во ЕУ и за одржување на нејзиниот просперитет.

- Стратешките насоки што ги одобривме денеска се наш заеднички план за акција во оваа област за следните пет години. Овој значаен договор ја претставува обединетата визија на Советот за иднината на судската соработка, истакна Тусон.

Во стратешките насоки се нагласуваат важноста на слободното движење на лица во рамките на ЕУ и се потенцира дека функционалната Шенген зона, во која внатрешните гранични контроли ќе бидат последно средство од привремен карактер, ги поттикнува слободата и безбедноста на европските граѓани.

Во исто време, насоките ја потенцираат потребата од контроли на надворешните граници и соработка на земјите членки во сферата на безбедност и миграција.

- Земјите членки одлучуваат кој влегува во Европа, а не шверцерите или непријателските надворешни актери, се додава во текстот.

Во областа на правдата, во документот се нагласува дека судската соработка заснована на меѓусебно признавање на пресудите и судските одлуки меѓу земјите членки, е клучна во областа на слободата, безбедноста и правдата.

Како други клучни точки во стратешките насоки се посочуваат и спречувањето на злоупотребата на визниот режим на ЕУ, како и изградбата на амбициозни, трајни и сеопфатни партнерства со земјите на потекло и транзит на мигрантите, вклучително и во областа на граничната и безбедносната соработка и разгледување на нови начини за спречување и спротивставување на нерегуларната миграција.

Во документот се нагласува дека е потребно европските општества да се направат поотпорни на организираниот криминал со цел ефикасно справување со криминалните групи и нивно лишување од ресурси.

Советот, исто така, ја повика Европската комисија да подготви патоказ за имплементација на препораките за пристап до податоци за ефикасно спроведување на законот, како и да работи на сите аспекти на кривичното и граѓанското право со цел да се обезбеди конзистентност и фокусирање при имплементацијата на постојното законодавство на ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2024 14:39