Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ на денешното заседание го одобри првиот од двата сет на заклучоци за зајакнување на заедничките напори во борбата против тероризмот, кој, според оценките, заедно со насилниот екстремизам и натаму претставуваат значајна закана за ЕУ и нејзините земји членки.

Со заклучоците, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се поставуваат стратешките цели и клучните области во кои се потребни зголемени напори за подобрување на оперативната ефикасност и тие претставуваат основа за обликување на антитерористичките политики и мерки на ЕУ за следните пет години.

Унгарскиот министер за внатрешни работи Шандор Пинтер, чија држава е актуелен претседавач со ЕУ, оцени дека борбата против тероризмот претставува заеднички напор на сите земји членки на Унијата.

Според него, земјите на ЕУ на располагање имаат низа заеднички инструменти, од споделувањето информации и зајакнување на безбедноста на границите, па до оневозможувањето на финансирањето на тероризмот и спречувањето на радикализацијата, со цел нивните граѓани да бидат безбедни.

За дополнително зајакнување на антитерористичките мерки, предвидено е в понеделник да бидат одобрени и заклучоци за зајакнување на надворешните и внатрешните врски во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам.

- Глобалните немири го зголемија нивото на закана од тероризмот во некои земји членки. Тие надворешни конфликти придонесоа за интензивирање на радикализацијата и социјалната поларизација низ Унијата, што пак потенцијално може да доведе до тероризам и насилен екстремизам, се наведува во заклучоците.

Од тие причини, Советот ги повикува земјите членки да ги подобрат својата подготвеност и способност за одговор на потенцијални терористички и насилни екстремистички напади. Во заклучоците се истакнува дека за зајакнување на напорите за борба против тероризмот потребна е размена на информации, откривање и спречување на инфилтрација на лица кои претставуваат терористичка закана, како и спротивставување на ширењето на тероризмот и насилниот екстремизам преку интернет.

Во исто време, министрите за внатрешни работи ја повикуваат Европската комисија заедно со земјите членки да работи на операционализација на ефективната депортација на лицата кои претставуваат безбедносна закана, како и преземе дополнителни чекори за справување со предизвиците што произлегуваат од неусогласеноста на некои онлајн платформи со Законот за дигитални услуги на ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2024 15:23