Сомалија и Етиопија, со посредство на Турција, се на пат да ја решат кризата во билатералните односи што избувна поради регионот на Сомалиленд, јави Анадолија.

Сомалискиот претседател Хасан Шеик Махмуд и етиопскиот премиер Абиј Ахмед синоќа со посредство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се сретнаа во Анкара и постигнаа договор за решавање на кризата што трае од јануари.

Лидерите на Сомалија и Етиопија, исто така, потпишаа декларација со која се нагласува важноста од зачувување на територијалниот суверенитет на Сомалија и предвидува заеднички напори Етиопија да добие некаков пристап до морето.

Кризата во односите меѓу Сомалија и Етиопија ескалираше на 1 јануари годинава.

Тоа се случи откако Етиопија потпиша договор за соработка со спорниот регион Сомалиленд за да добие пристап до пристаништето на Црвеното Море. Сомалија го сметаше тоа за напад на нејзиниот суверенитет, со оглед на тоа што го смета Сомалиленд за своја територија, без оглед на едностраното прогласување отцепување на тој регион.

Спорниот договор требаше да ѝ овозможи на Етиопија пристап до пристаништето Бербера во Сомалиленд, додека Сомалиленд ќе добие удел во компанијата „Етиопија ерлајнс“.

Со спроведувањето на тој договор, Етиопија требаше да стане првата земја што ја призна независноста на Сомалиленд.

Етиопија со децении веќе се обидува да добие пристап до пристаништата во Црвеното Море, кои ги загуби на почетокот на 1990-тите поради отцепувањето на Еритреја. Оттогаш, Етиопија ги користи пристаништата на соседните земји и на тој начин врши околу 90 отсто од својата надворешнотрговска размена.

Сомалија силно се спротивставуваше на спорниот договор што ѝ дозволи на Етиопија да работи комерцијално и воено да дејствува на брегот на Сомалиленд.

Арапската лига на 3 јануари објави дека го отфрла и го осудува договорот за соработка за поморски пристап меѓу Етиопија и Сомалиленд. Десет дена подоцна се одржа вонреден министерски состанок, но решение не беше постигнато.

Африканската унија на 4 јануари повика на умереност меѓу Етиопија и Сомалија, а како одговор на повикот за дијалог меѓу двете земји на 17 јануари, Сомалија објави дека нема да преговара додека не се повлече спорниот договор и додека не престане мешањето во нивните внатрешни работи.

Џибути и Кенија во март започнаа нова иницијатива за решавање на политичката криза меѓу Сомалија и Етиопија, но овие чекори исто така не дадоа резултати.

Етиопија на почетокот на април потпиша договор и со сомалиската провинција Пунтланд за развој на односите на различни полиња. Ова дополнително ја налути Сомалија, па сомалиската Влада одлучи да го депортира етиопскиот амбасадор од Могадишу и да ги затвори конзулатите.

Кризата меѓу Етиопија и Сомалија беше решена со потпишување декларација во Анкара со посредство на Туркије.

Република Турција се вклучи во решавањето на кризата меѓу Етиопија и Сомалија со принципиелно инсистирање за заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, етиопскиот министер за надворешни работи Таје Атске Селасие и сомалискиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка Ахмед Муалим Фиќи се состанаа во Анкара на 1 јули и дадоа заедничка изјава.

Министерот Фидан на 3 август ја посети Етиопија и разговараше за билатералните односи, како и за процесот на помирување со Сомалија.

Новата трипартитна министерска средба во Анкара се одржа на 12 август.

Министрите на Сомалија и Етиопија ја повторија својата решеност за мирно решавање на разликите, изразија благодарност до Република Туркије за нејзиното посредување и конструктивниот придонес и се согласија да ги решат споровите и да обезбедат регионална стабилност.

Етиопскиот премиер Абиј Ахмед во говорот пред Парламентот на 4 јули рече дека не сакаат Сомалија да се распадне.

Турскиот министер одвоено се сретна со своите колеги од Етиопија и од Сомалија на 27 септември во Њујорк.

За време на сите состаноци на процесот, Анкара бараше избалансирано, остварливо и заемно корисно решение за кризата меѓу двете земји.

Турција синоќа го направи последниот чекор во мировниот процес во Африканскиот Рог со објавување на Декларацијата на Етиопија и Сомалија.

Сомалискиот претседател Хасан Шеик Махмуд и етиопскиот премиер Абиј Ахмед се сретнаа вчера во Анкара, а домаќин на средбата беше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. По средбата беше објавена заедничка декларација.

Во Декларацијата на Етиопија и Сомалија од Анкара се наведува дека страните се согласиле да ги остават настрана разликите во мислењата и контроверзните прашања и решително да продолжат напред кон заеднички просперитет и дека одлучиле да започнат технички преговори со олеснување до крајот на февруари 2025 година и да ги завршат во рок од четири месеци.

Страните објавија дека ги препознаваат различните потенцијални придобивки од безбедниот пристап на Етиопија до и од морето, истовремено почитувајќи го територијалниот интегритет на Сомалија.

Така, со чекорите преземени со посредство на Турција, почна процесот на решавање на кризата меѓу Сомалија и Етиопија.

Анадолија



Автор: Администратор
Објавено на: 13/12/2024 01:59