Многу се шпекулира за доаѓањето на НБА во Европа и создавање на нова лига која ќе ја загрози актуелната Евролига, а „Релево“ пишува дека првите чекори се веќе направени.
Шпанските медиуми пишуваат дека НБА веќе ги контактирала Панатинаикос, Реал Мадрид и Фенербахче за да го слушне нивното мислење за новиот проект. Истиот весник наведува и дека НБА планира што поскоро да започне лига во Европа и дека новото натпреварување би можело да започне веќе во сезоната 2026/27.
Исто така, треба да се напомене дека генералниот секретар на ФИБА, Андреас Загклис, изјави дека НБА покажала интерес повеќе да се занимава со кошарката во Европа и дека деталите ќе бидат познати следниот месец. Се очекува дел од преговорите да се водат за време на НБА натпреварот во Париз, кој ќе се одржи во јануари.
Она што е интересно е што се споменува името на Панатинаикос како потенцијален тим кој би ја напуштил Евролигата. Неодамна тренерот на „зелените“ Ергин Атаман изјави дека НБА може да им тропне на врата и дека „Евролигата треба да внимава“.
Се чини дека Атаман веќе знаел нешто што многумина не го знаеле, а дали ќе се оствари, останува да видиме.