Швајцарија сака да ја надгради својата мрежа на нуклеарни бункери, што се веќе застарени, но се повеќе се гледаат како вредно богатство во овие времиња на глобална неизвесност, јавија локалните медиуми.

Благодарение на законот донесен во 1963 година, Швајцарија веќе е пред соседните земји како Германија. На секој од деветте милиони жители на Швајцарија, вклучително и странци и бегалци, му се гарантира место во бункер за заштита од воздушни напади и радијација.

-Швајцарската конфедерација сака да укине некои од исклучоците што постојат во сегашните правила во наредните години, како и да реновира некои од нејзините постари бункери, рече Луис-Анри Делаража, шеф на службата за цивилна одбрана во кантонот Во, објавија тамошните медиуми.

Швајцарската влада започна консултации на таа тема во октомври за да обезбеди „отпорност на земјата во случај на вооружен конфликт“. Планирано е да се издвојат 220 милиони швајцарски франци (250 милиони долари) за реновирање на старите објекти.

-Ова не значи дека се подготвуваме за конфликт. Тоа не е пораката. Сепак, имаме мрежа на бункери и треба да ги одржуваме за да се увериме дека се функционални, истакна Делаража.

Делаража рече дека откако Русија ја нападна Украина во 2022 година, неговата канцеларија примила многу повици од загрижени граѓани кои поставувале прашања за бункерите.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2024 01:52