Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, неговата Републиканска партија ќе се посвети на „укинување на летното сметање на времето“ во САД за да се избегне сезонското поместување на часовниците. „Летното сметање на времето е незгодно и многу скапо за нашата земја“, објави Трамп на својата платформа Truth Social.

Илон Маск, мултимилијардерот кој неодамна беше назначен од Доналд Трамп да раководи со комисијата за намалување на владините трошоци, ја коментираше анкетата на неговата социјална мрежа Х кон крајот на ноември, која покажа дека повеќе од 80 отсто од гласачите во САД сакаат да се укине летното сметање на времето.

„Изгледа луѓето сакаат да се укинат досадните промени на часовникот! напиша шефот на SpaceX и Tesla.

Но, желбата на Доналд Трамп да го укине летното сметање на времето се чини дека е во спротивност со мнозинскиот став на Републиканската партија, која во 2022 година подготови нацрт-закон тоа да стане трајно, пренесува Индекс.хр.

„Промената на времето е застарен концепт, кој е извор на фрустрации и конфузија“, тврдеше тогаш сенаторот Марко Рубио, авторот на нацрт-законот, кого Трамп го номинираше за свој државен секретар.

Според Рубио, има директна причинско-последична врска меѓу промените на часовникот и зголемувањето на срцевите удари и сообраќајните несреќи и ги промовираше потенцијалните корисни ефекти на постојаното летно сметање на времето врз економијата.

Во 2019 година, кога Марко Рубио го иницира овој закон, претседателот Доналд Трамп твитна: „Во ред е летното сметање на времето да биде трајно!

Некои американски законодавци сакаат да се задржи зимското сметање на времето во текот на целата година, некои бараат да се остане на летно сметање, додека други се да се задржи статус кво. Претседателот Џо Бајден никогаш не заземал јавен став по ова прашање



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2024 15:23