Командантот на украинските сили во Доњецк, генерал Олександр Луценко, е разрешен поради неколку значајни порази, објавија украинските медиуми. Според порталот „Украинска правда“, на негово место ќе дојде генерал Олександер Тарнавски, јави ДПА.
Назначувањето се уште не е официјално објавено во Киев.
Кризата за украинските сили во источниот дел на земјата се интензивираше во последните недели. Луценко беше одговорен за предниот дел на одбраната околу стратешки важните градови Покровск и Курахово. Руската армија веќе делумно го окупираше Курахово, кој е пред пад, иако украинската армија успеа да го брани градот подолго отколку што предвидуваа многу експерти.
Украинското воено раководство се соочи со остри критики за несоодветна одбрана кај Покровск. Руската армија успеа да ги пробие добро утврдените одбранбени линии јужно од градот. Поради тоа, на Покровск му се заканува опасност да биде опколен, како и натамошно напредување на руската војска кон регионот Дњепропетровск.
Тарнавски е еден од најпознатите генерали во Украина. Тој ги предводеше успешните украински контранапади во 2022 година на југот на земјата, со што повторно беше заземен Херсон. Но, неговиот обид да упадне во Запорожје во летото 2023 година не беше успешен, како и одбраната на градот Авдијивка во областа Доњецк.
Претходно, беше објавена смена на командата и на руските сили во источниот украински регион Донбас. Рускиот претседател го назначи генерал-полковникот Андреј Иванајев за командант на групата сили Восток, која ја предводи офанзивата во Донбас, објавија руски и украински медиуми.