Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Jеол соопшти дека нема да се повлече од функцијата, иако парламентот денеска гласаше за негово отповикување поради обидот за воведување воена состојба на 3 декември, што предизвика политичка криза во земјата.
Јун Сук-Jеол изјави дека ќе се бори до последен момент за задржување на претседателската функција, јави Јонхап.
- Иако сега морам да застанам, патувањето што го направив со луѓето кон иднината во последните две и пол години никогаш не смее да престане. Никогаш нема да се откажам. Ќе се борам до крај, изјави Јун Сук-Jеол.
Парламентот на Јужна Кореја денеска во вториот обид му изгала импичмент на претседателот Јун Сук-Јеол. Предлогот за негово отповикување беше поддржан со тајно гласање од 204 пратеници во 300 члениот јужнокорески парламент.
Тоа значи дека Јун Сук-Јеол веднаш е суспендиран од функцијата, а премиерот Хан Дук Со станува вршител на должноста.
Седумдесет и петгодишниот Хан Дук Со има повеќе од три децении искуство на различни клучни позиции, вклучително и амбасадор во САД, министер за финансии, министер за трговија и премиер, а бил и шеф на повеќе организации.
Тој е доктор по економски науки на Универзитетот Харвард, а како што пишуваат јужнокореските медиуми, познат по „рационалноста, умереноста и стручноста“.
Хан Дук Со е премиер на Јужна Кореја од 2022 година, кога повторно беше именуван на оваа функција. Ова е негов втор мандат, откако беше премиер во времето на поранешниот претседател Ро Мо-Хјун.
Тој може да биде на чело на државата со месеци - додека Уставниот суд не донесе одлука за трајна смена или враќање на Јун Сук-Jеол на претседателската функција