Извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел, изјави дека последниот напад врз кампот Нусејрат во Газа, во кој загинаа 33 лица, вклучително и осум деца, ја зголемува шокантната бројка од повеќе од 160 деца убиени во палестинската енклава за малку повеќе од еден месец.
Таа во изјава наведе дека станува збор за просечно по четири убиени деца дневно, во периодот од почетокот на ноември.
- Децата не го почнаа овој конфликт и немаат моќ да го спречат, но сепак ја плаќаат највисоката цена со својот живот и иднина. Во последните 14 месеци, повеќе од 14.500 деца се убиени во Газа, а на речиси 1,1 милион деца итно им е потребна заштита и поддршка за менталното здравје, додаде Расел во соопштението објавено на веб-страницата на УНИЦЕФ