На барање на генералниот секретар на Европскиот парламент Алесандро Чокети започната е постапка за преиспитување на оправданоста на реализација на иницијативата „Европа Искуство“ со која се предвидува изградба на 27 центри ширум земјите членки на ЕУ, каде би се организирале интерактивни изложби и високотехнолошки перформанси на теми поврзани со Унијата.

Идејата на предлагачите беше да се изградат центри, по моделот на Планетариумот во Брисел, преку кои би се промовирале улогата и значењето на ЕУ во животот на европските граѓани и посетителите „би се запознале со европската демократија “.

Досега се изградени само 15 од 27-те предвидени изложбени центри, но нивната слаба посетеност и зголемените трошоци за одржување, заедно со пробивање на роковите за градба и пречекорувањето на предвидениот буџет, го покренаа прашањето за исплатливоста на проектот.

Според првичниот план, почетната инвестиција за изградба на центрите беше пресметана на околу 110 милиони евра, со дополнителни годишни оперативни трошоци до три милиони евра.

Чокети сега бара ревизија на проектот со цел „да се проценат причините за послабите перформанси“.

Според Чокети, потребно е да се проценат причините за слабото работење на некои центри и да се надминат недостатоците, со цел да не се повторат и во другите центри.

Податоците покажуваат дека центарот „Европа Искуство“ во Копенхаген лани имал помалку од 9.000 посетители, со што трошоците за негово одржување ги чинеа даночните обврзници 46 евра по лице, додека оној во Париз имал нешто над 32.000 посетители или трошоци од 92 евра по лице.

За разлика од овие, центарот во Стразбур во 2023 година имал над 335.000 посетители, што создаде трошоци од само 4 евра по лице, додека првоотворениот „Европа Искуство“ изложбен простор, оној во Берлин, лани примил речиси 100.000 посетители, со што имаше трошок од 10 евра по лице.

Дополнителен проблем беа и неочекувано високите трошоци за парцелите на кои се изградени некои од центрите, како на пример тој во Даблин за која беа платени 13,4 милиони евра или во Братислава што чинеше 7 милиони евра.

Според Чокети, во услови на бројни предизвици, неизвесности и раст на трошоците, би требало да се преиспитаат приоритетните расходи во Буџетот на Европскиот парламент и дел од тие средства да се пренаменат за законодавната работа и надзорот над Европската комисија.

Прес-службата на Парламентот сепак соопшти дека на станува збор за отфрлање на проектот, туку за „среднорочен преглед за да се разгледаат потенцијални подобрувања“.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/12/2024 12:54