Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан го искористи правото на вето за да го блокира новиот строг закон за покривање на главите на жените што го усвои парламентот, и го повика Врховниот совет за национална безбедност (СНСЦ) да донесе одлука за негово ублажување, пренсува ДПА.
Претседателскиот советник Али Рабиеи за неделниот весник „Хамшахри“ изјави дека ветото е оправдано врз основа на очекуваните ефекти на законот врз општеството.
СНСЦ е највисокото тело во Исламската Република за одлучување за безбедносни прашања, а Пезешкијан се надева дека ќе го ублажи новиот закон, барем до одреден степен.
Законот усвоен во парламентот предвидува големи казни и одбивање на државни услуги за жените кои не ја почитуваат обврската да ги покриваат главите.
Оние кои нема да го почитуваат треба да бидат строго казнети, со забрани за вршење на нивните професии и за патување во странство, како и со конфискација на 5% од нивниот имот.
Острите критики на законот, меѓу кои и од претставници на власта, доведоа до одложување на неговото спроведување. Пезешкијан е против ваквиот закон поради страв од отпор во иранското општество и можно обновување на народните немири.
Политичките аналитичари го гледаат законот како дел од борбата за моќ меѓу тврдокорните и умерените сили, а со тоа и предизвик за Пезешкијан. Ако не успее да ги спречи тврдокорните, може да го загрози умерениот курс што го вети за време на неговата кампања.
Многу Иранки во поголемите градови сега одбиваат да го почитуваат строгиот кодекс на облекување наметнат од исламските власти. Трендот произлезе од движењето „Жена, живот, слобода“ што се појави за време на протестите во есента 2022 година.