Најновиот развој на настаните поврзани со руската агресија врз Украина, случувањата во Грузија, ситуацијата на Блискиот Исток, особено во Сирија, како и состојбата во Белорусија ќе бидат главни теми на денешното заседание на Совет за надворешни работи на ЕУ во Брисел, со кој првпат ќе претседава новата висока претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Во рамки на расправата за руската агресија врз Украина, шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ ќе имаат неформална размена на мислења преку видеоконференција врска со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, по што ќе дискутираат за дополнителна воена поддршка од ЕУ за земјата и за санкциите кон Русија.
Во пресрет на Самитот на ЕУ в четврток и петок, министрите ќе дискутираат за начините за зајакнување на воената поддршка на ЕУ за задоволување на најитните потреби на Украина и за зголемување на притисокот врз Русија и нејзините поддржувачи, особено преку дополнителни рестриктивни мерки. Од тој аспект се очекува Советот да го усвои 15-ти пакет санкции во рамки на режимот за дестабилизирачките активности на Русија и за вмешаноста на Белорусија во руската агресија врз Украина.
Министрите, исто така, ќе разменат мислења за начините за вклучување на ЕУ во секој иден мировен процес за Украина и за поддршка и интегрирање на украинската одбранбена индустриска база со европската.
Се очекува високата претставничка Калас да повика за напредок во поддршката за Украина во рамките на Европскиот мировен фонд и Мисијата на ЕУ за воена помош (ЕУМАМ).
Европскиот совет во своите заклучоци од октомври 2024 година, ја потврди непоколебливата посветеност на ЕУ за обезбедување континуирана политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина и нејзиниот народ онолку долго колку што е потребно и интензивно колку што е потребно. Советот, исто така, повика на брзо засилување на воената поддршка и забрзување во нејзината испорака, особено системи за противвоздушна одбрана, муниција и ракети, кои се итно потребни за заштита на населението на Украина и критичната енергетска инфраструктура, а ја осуди и континуираната поддршка од трети земји за руската агресија и ги повика да престанат со секаква помош за Москва.
Европските шефови на дипломатиите ќе разменат мислења за ситуацијата во Грузија, по најавата на владејачката партија Грузискиот сон за суспендирање на процесот на пристапување на земјата кон ЕУ, што резултираше со масовни протести и широко распространето заплашување, политички прогон, тортура и малтретирање на грузиските граѓани учесници на демонстрантите, медиумите и политичката опозиција.
Советот за надворешни работи ќе разговара за можниот одговор на ЕУ, имајќи ги предвид сопствените интереси и вредности, но и потребата да се поддржи народот на Грузија, вклучително и граѓанското општество и медиумите во земјата.
Европскиот совет во октомври годинава ја потврди подготвеноста на ЕУ за поддршка на „грузискиот народ на неговиот европски пат“, ја повтори својата сериозна загриженост во врска со постапките од грузиската Влада, кои се во спротивност со вредностите и принципите врз кои е основана ЕУ и кои го загрозуваат европскиот пат на Грузија.
Во попладневното продолжение на заседанието на Советот, министрите ќе разговараат за ситуацијата на Блискиот Исток, особено по падот на режимот на сирискиот претседател Башар Асад и последните случувања во Сирија.
Шефовите на дипломатиите ќе разменат мислења за начините како може ЕУ да помогне за заживување на политичкиот процес во Сирија и за заштита на цивилите, при што се очекува и да ја потврдат својата поддршка на единството, стабилноста и територијалниот интегритет на земјата.
Министрите ќе разговара и за опциите за поддршка на прекинот на огнот во Либан и за подржување на напорите за одржлива деескалација на состојбата, за спроведување на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН и за зајакнување на либанските државни институции, особено на Вооружените сили на земјата.
На крајот на расправата за состојбата на Блискиот Исток, шефовите на дипломатиите ќе разменат мислења за напорите за обнова на дијалогот за прекин на огнот и за решавање за блискоисточната криза, за ослободување на сите заложници, за испорака на хуманитарна помош за Газа, како и за поддршка на решението за две држави. Во овој контекст, се очекува високата претставник Калас да ја нагласи потребата за што е можно поскоро одржување на заседание на Советот за асоцијација ЕУ-Израел и на првиот дијалог на високо ниво со Палестинската управа.
ЕУ досега во повеќе наврати апелираше за итен прекин на огнот, за безусловно ослободување на сите заложници, за подобрување на пристапот и одржлива дистрибуција на хуманитарна помош во Газа и за ставање крај на непријателствата и ја повтори својата непоколеблива посветеност на праведен, сеопфатен и траен мир заснован на решението за две држави.
Министрите ќе разменат мислења и за состојбата во Белорусија пред претседателските избори закажани за 26 јануари 2025 година, при што се очекува да ја нагласат цврстата поддршка на ЕУ за „стремежот на белорускиот народ за слободна, демократска, суверена и независна Белорусија како дел од мирна и просперитетна Европа“.
ЕУ презема мерки за притисок врз режимот во Минск, вклучително и преку воведување санкции за сериозни прекршувања на човековите права во земјата, а во исто време го поддржува белорускиот народ и граѓанското општество во Белорусија.
Покрај ова Советот за надворешни работи треба да ги одобри заклучоците за зајакнување на борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, за засилување на поддршката на иницијативата „Тим Европа“ за глобална безбедност на храната и на Фондот за итни случаи на ЕУ за Африка, како и за приоритетите за соработка на Унијата со Совет на Европа за периодот 2025-2026 година.