Соборениот сириски претседател Башар ал Асад изјави дека бил во Дамаск до утрото на 8 декември, денот кога бунтовниците предводени од групата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) го зазедоа главниот град. Тој нагласи дека немал план да ја напушти државата.
Во своето прво соопштение по заминувањето од Сирија, објавено на социјалните мрежи, Асад објасни дека во деновите кога опозициските сили напредувале кон Дамаск од северот на земјата, не планирал да поднесе оставка или да бара азил.
Тој појасни дека прво заминал во руската база Хмеимим, кај крајбрежниот град Латакија, каде дознал дека бунтовниците го зазеле Дамаск.
Асад додаде дека неговата евакуација во Русија била резултат на колапсот на армијата и парализата на државните институции.