Иднината на Западниот Балкан е во ЕУ и затоа уште еднаш ја потврдуваме нашата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на регионот во Унијата, се наведува во Предлог-завршната декларација на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи утре во Брисел и на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани.

- Како што е наведено во Декларацијата од Гранада, проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Од нашиот последен самит има нова динамика во процесот на проширување и забележителен напредок. Забрзувањето на пристапниот процес, заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и принципот на индивидуални заслуги, е во наш заеднички интерес, се наведува во предлог-текстот во кој МИА имаше увид.

Во текстот натаму се посочува дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската Унија, па затоа од суштинско значење е спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

- Се уште се потребни решителни дополнителни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашањата вкоренети во наследството на партнерите од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Договорот за прашањата за сукцесија, како и за случаите на исчезнати лица и прашањата за воените злосторства, се вели во предлог текстот на „Бриселската декларација“.

Во текстот се додава дека европските лидери се посветени на приближување на партнерите од Западниот Балкан кон ЕУ уште во текот на пристапниот процес.

- Нивната постепена интеграција веќе започна во различни области на политиката, подготвувајќи го теренот за пристапување и носејќи конкретни придобивки за граѓаните, на реверзибилен начин заснован на заслуги, се вели во предлог-документот.

Во декларацијата се нагласува и дека Планот за раст на Западниот Балкан има потенцијал да го удвои економскиот раст на регионот во следната деценија и да ја забрза социо-економската конвергенција меѓу регионот и Европската Унија, под услов „партнерите да ги спроведат реформите поврзани со ЕУ“.

Во рамки на грчката иницијатива за заедничка иднина на балканските земји и Европа, денеска во Солун ќе се одржи Конференција на високо ниво за европските перспективи на Западниот Балкан насло

- Им честитаме на петте партнери за подготовката и поднесувањето на нивните реформски агенди, одобрени од Комисијата, кои ќе бидат основа за спроведување на Планот за раст.

Ги поздравуваме и им честитаме на оние партнери кои веќе се приклучија на Единствената зона за плаќања во евра (СЕПА), што ќе ги намали трошоците за трансакциите за луѓето. Со нетрпение очекуваме и другите да и се придружат наскоро. Ја поздравуваме заедничката работа кон модернизацијата на 11 приоритетни премини во регионот и охрабруваме таа да продолжи со забрзано темпо. ЕУ смета на партнерите од Западниот Балкан за унапредување на регионалната економска интеграција преку Заедничкиот регионален пазар, што е отскочна штица и предуслов за поблиска интеграција со единствениот пазар на ЕУ, се нагласува во предлог-заклучоците на Самитот.

ЕУ посочува дека ја поздравува решеноста на партнерите од Западниот Балкан да ги почитуваат основните европски вредности и принципи во согласност со меѓународното право и посветеност на приматот на демократијата, основните права и вредности и владеењето на правото.

- Владеењето на правото, слободата на изразување, независните и плуралистички медиуми, родовата еднаквост и силната улога на граѓанското општество се клучни за да се обезбеди функционална демократија. Во овој поглед, постапките ќе зборуваат погласно од зборовите, бидејќи партнерите ја преземаат одговорноста и ги спроведуваат потребните реформи, особено во областа на основите вредности. ЕУ ги повикува партнерите да им ги гарантираат правата и да им обезбедат еднаков третман на лицата кои припаѓаат на малцинствата. Ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на нашите партнери за борба против организираниот криминал и корупцијата, се наведува во текстот.

Во документот се нагласува дека во контекст на радикалната промена на глобалната геополитичка ситуација, руската агресија врз Украина и конфликтот на Блискиот Исток, стратешкото партнерство меѓу Европската Унија и Западниот Балкан. е поважно од кога било досега.

- Делиме заедничка иднина и се соочуваме со итни предизвици кои можеме да ги надминеме само заедно. На нашите граѓани им должиме да изградиме иднина на мир и просперитет, заснована на споделените принципи и вредности и заеднички интереси, се нагласува во текстот.

Во предлог-заклучоците натаму се потенцира дека геополитичкиот контекст во Европа бара единство и солидарност од сите во цврстата поддршка на Украина и во одбраната на меѓународниот поредок заснован на правила, па застанувањето во ова заедно со ЕУ претставува јасен знак за стратешката ориентација на партнерите на Унијата од Западниот Балкан.

- Нашата цел е да го реафирмираме, да го оживееме и да ја обновиме европската перспектива за Западен Балкан, што беше декларирана на Самитот во Солун во 2003 година. Ако успемее во ова, ќе до

- ЕУ ќе продолжи да инвестира во мултилатерализмот и да соработува со партнерите за да го почитуваат меѓународното право. Во овој поглед, ги поздравуваме оние партнери од Западниот Балкан кои се целосно усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и ги повикуваме оние кои се уште не го сториле тоа да го следат примерот на другите. Ја нагласуваме важноста од целосно спроведување и подобрено спроведување на рестриктивните мерки и спречување на нивно заобиколување. Ја поздравуваме континуираната посветеност на партнерите кон заедничката и безбедносна одбранбена политика на ЕУ, вклучувајќи го и придонесот во мисиите и операциите на Европската Унија, се додава во Предлог-декларацијата.

Натаму во текстот се потенцира дека е потребно зајакнување на соработката меѓу ЕУ и Западниот Балкан во справувањето со миграцијата, усогласувањето на визната политика, и во борбата против криумчарењето мигранти, трговијата со луѓе, сите форми на сериозен и организиран криминал, тероризмот и насилниот екстремизам.

Европската Унија најавува и дека ќе продолжи да ги поддржува своите партнери од Западниот Балкан во ублажувањето на влијанието на руската агресија врз Украина врз нивните економии, општества и безбедност, преку Инструментот за претпристапна помош, Економскиот и инвестициски план, Пакетот за енергетска поддршка и Европскиот мировен фонд.

- ЕУ ја потврдува својата посветеност за понатамошен развој и зајакнување на дијалогот и соработката во безбедноста и одбраната со Западниот Балкан. Го поздравуваме тоа што оваа година беа договорени безбедносни и одбранбени партнерства со првите партнери и дека поддршката од Европскиот мировен фонд ја зајакнува безбедноста и издржливоста во регионот. ЕУ ќе продолжи да го поддржува регионот во справувањето со хибридните и кибер заканите, како и со странските мешања и манипулации со информации, како што се руските наративи и дезинформации за руската агресивна војна против Украина, се додава во предлог-заклучоците.

Според документот, отсуството на нормализација на односите меѓу Приштина и Белград ги кочи двата партнера, па затоа мора да се спроведат договорите постигнати во нивниот дијалог што се води со посредство на ЕУ, особено Договорот за патот кон нормализација и неговиот Анекс. Унијата потсетува и дека предуслов за поддршка во рамките на Реформскиот фонд за Западен Балкан е страните да се ангажираат конструктивно со мерлив напредок и видливи резултати во нормализацијата на нивните односи.

- ЕУ останува најблизок партнер на регионот, главен инвеститор и трговски партнер и нејзин главен донатор. Очекуваме од нашите партнери од Западниот Балкан да го направат тоа видливо во јавноста и да ја покажат својата посветеност на вредностите и реформите на ЕУ преку зборови и дела, поддржани од стратешките комуникации на ЕУ. Со нетрпение го очекуваме првиот Самит на Европската политичка заедница што ќе се одржи во регионот на Западниот Балкан, во Тирана следната година, по успешниот Самит одржан во Будимпешта во октомври, бидејќи оваа платформа продолжува да претставува важен форум за длабинска размена на мислења меѓу лидерите за мирот, безбедноста, стабилноста и економскиот развој на нашиот континент, се додава во Предлог-завршната декларација на утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/12/2024 12:01