Началникот на руските трупи за радијациска, хемиска и биолошка заштита, генерал-потполковник Игор Кирилов е меѓу загинатите во експлозијата што се случи рано денеска во Москва. Покрај него животот го загуби и неговиот помошник. Причина за експлозијата е активирање на експлозивна направа поставена во електричен скутер, соопшти Истражниот комитет на Русија.

„Според истрагата, утринава на Рјазански проспект во Москва, активирана е експлозивна направа поставена во електричен скутер оставен на влезот во станбена зграда. Во експлозијата загина началникот на трупите за радијација, хемиска и биолошка заштита на руските оружени сили Игор Кирилов и негов помошник“, изјави портпаролот на Истражниот комитет.

За случајот е поведена кривична постапка.

Инцидентот се случи еден ден откако украинската служба за безбедност СБУ објави дека украинското обвинителство поднело обвинение против Кирилов, обвинувајќи го дека е одговорен за употребата на хемиско оружје против украинските војници за време на војната што започна со руската инвазија на Украина.

Истражниот комитет соопшти дека експлозијата се случила пред станбена зграда на Рјазански проспект, авенија во рускиот главен ргад која започнува на околу 7 километри југоисточно од Кремљ. Кирилов учествуваше во создавањето и усвојувањето на тешкиот пламенофрлачки систем ТОС-2 „Тосочка“ од страна на руската армија, како и во борбата против пандемијата со Ковид-19.

Украина се уште не ја коментираше информацијата. СБУ соопшти дека руските сили користеле хемиско оружје речиси 5.000 пати за време на војната во Украина под водство на Кирилов.

Кирилов и негвиот воен оддел се ставени на списоците за санкции од Британија, Канада и Нов Зеланд во октомври поради нивната употреба на средства за контрола на немири и бројни извештаи за употреба на токсичниот агенс за задушување хлоропикрин на бојно поле.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/12/2024 12:13