САД воведоа нови санкции против Северна Кореја и Русија, насочени кон финансиските активности на Пјонгјанг и воената поддршка што Северна Кореја ја дава на Москва.
Новите мерки ги соопшти синоќа Министерството за финансии на САД.
-Континуираните провокативни активности на режимот на Ким Џонг Ун, вклучувајќи го... последното тестирање на интерконтинентална балистичка ракета и зголемената воена поддршка за Русија, ја нарушуваат стабилноста во регионот и ја поддржуваат тековната агресија на Путин во Украина, изјави Бредли Т. Смит, вршител на должност заменик министер за финансии за прашања на тероризам и финансиско разузнавање. „САД остануваат посветени на спречување на нелегалните набавки и (финансиите)... кои ја овозможуваат оваа дестабилизирачка активност“.
Санкциите, насочени против севернокорејски банки, високи воени претставници и други официјални лица, како и против руски компании за транспорт на нафта, се најновиот чекор на САД за спречување на поддршката што Северна Кореј ја обезбедува на Русија во водењето на војната против Украина. Меѓу севернокорејските банки на кои им се наметнати санкции се Golden Triangle Bank и Korea Mandal Credit Bank, се наведува во изјавата на министерството.
Санкциите опфаќаат и севернокорејски генерали, кои, според проценките на Министерството за финансии, се дел од илјадници воени лица испратени од Пјонгјанг во Русија за да помогнат во војната против Украина.
Меѓу руските компании против кои се насочени санкциите се и „Восток Трејдинг“, ДВ Инк“ и „Новосибирскоблгаз“. Во изјавата на Министерството за финансии се нагласува дека, почнувајќи од 2022 година до април 2024 година, овие компании испорачале на Северна Кореја илјадници тони нафта и гас.