Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) предложи воспоставување на „санитарен кордон“ кон лидерот на бугарското Движење за права и слободи – Нов почеток (ДПС-НН), Делјан Пеевски, кој од јуни 2021 година се наоѓа на американската „црна листа“ поради вмешаност во корупција.

Терминот „санитарен кордон“ се користи изолацијата или неприфаќањето соработка со одредени партии, поединци или структури. Тој вообичаено се користи за објаснување на изолирањето на екстремистичките партии од страна на центристичките политички сили.

АЛДЕ посочи дека ги поддржува обидите на останатите партии во Бугарија за воспоставување на „санитарен кордон“ околу Делјан Пеевски, кој повеќемина аналитичари го посочуваат како „главната пречка“ за формирање нова бугарска влада по предвремените седми по ред парламентарни избори во последните четири години, одржани на 26 октомври.

Движење за права и слободи – Нов почеток (ДПС-НН) настана со поделба на партијата на бугарските Турци, Движење за права и слободи (ДПС) поради внатрешната борба за превласт меѓу Пеевски и историскиот партиски лидер и основач Ахмед Доган. По одлуката на Судот со која Пеевски беше признат за легитимен лидер на ДПС, партијата беше применувана во Движење за права и слободи – Нов почеток (ДПС-НН), додека крилото на Доган регистрираше нов субјект за учество на последните парламентарни избори во Бугарија под името Алијанса за права и слободи (АПС). Во тек е постапка околу лидерскиот спор во ДПС пред повисока судска инстанца.

На октомвриските избори ДПС-НН освои околу 11 отсто од гласовите, а АПС седум проценти и двете партии обезбедија места во Народното собрание.

По изборите беа упатени обвинувања, меѓу останатите и од страна на бугарскиот претседател Румен Радев, за наводно масовно „купување гласови“ и „измами при пребројувањето на гласачките ливчиња“ во корист на партијата на Пеевски, но не беа спроведени никакви истраги за ваквите тврдења.

ДПС е членка на АЛДЕ, но паневропската партијата во јули се закани со нејзино исклучување од своите редови поради „улогата на Пеевски“ во неа. Сепак, бугарската партија се уште фигурира како членка на АЛДЕ по името ДПС.

Според генералниот секретар на АЛДЕ, Дидрик де Шацен, Алијансата „нестрпливо чека правна разрешница за случаите пред судовите во врска со лидерството во ДПС“.

- Свесни сме за најновите обиди за формирање Влада, за кои претпоставуваме дека ќе бидат комплицирани, имајќи предвид дека беа потребни 11 круга да се избере претседател на Парламентот, изјави Шацен.

Тој додаде дека АЛДЕ сосема ги разбира партиите во Бугарија кои се обидоа да воспостават „санитарен кордон“ кон Пеевски, нешто што е поддржано и предложено и од некои од членките на Алијансата.

Втората по бројност партија во бугарското Собрание, Продолжуваме со промените (ПП), која е дел од групата во Европарламентот предводена од АЛДЕ, Да ја обновиме Европа (РЕ), веќе најави дека ќе поддржи влада предводена од конзервативната партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), доколку таа се согласи на „санитарен кордон“ кон Пеевски. Според партиски извори, лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов, наводно го одбил ваквиот предлог, поради, како што се оценува, неговите блиски врски со Пеевски во минатото.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/12/2024 15:27