Русија го зајакнува својот балистички арсенал со нови стратешки ракетни системи, планира да лансира ракети со максимален дострел и може да го зголеми бројот на тестови како одговор на растечките надворешни закани, изјави висок руски командант за руски медиуми.

Јасно предупредувајќи дека Русија ќе одговори доколку верува дека нејзината безбедност е загрозена, командантот на руските стратешки ракетни сили, Сергеј Каракаев, рече дека се планирани пробни лансирања на ракети со максимален дострел како дел од новиот систем за тестирање.

„Што се однесува до дострелот, нема место каде што нашите ракети не можат да стигнат“, изјави Каракаев за весникот Краснаја звезда. Тој додаде дека Русија би можела да го зголеми интензитетот на тестирање напредни ракети доколку надворешните закани продолжат да растат.

Тој, исто така, за првпат јавно потврди дека Русија развива нов интерконтинентален балистички ракетен систем Осина и дека вклучувањето на Осина во борбените операции е приоритет.

Каракаев, без да даде детали, откри дека Русија е при крај со развојот на ракетен систем сличен на Орешник, нова суперсонична балистичка ракета со среден дострел.

Каракаев посочува дека новата програма за развој на оружје ќе разгледа повеќе опции за развој на стратешко офанзивно оружје и ќе ги земе предвид сличните потези на САД по истекот на договорот за ограничување на нуклеарното оружје СТАРТ меѓу двете земји во 2026 година.

Руските медиуми во октомври објавија дека Русија нема да потпише замена за СТАРТ.

Каракаев вели дека по истекот на СТАРТ, Русија не исклучува зголемување на бројот на боеви глави на распоредените ракети, како одговор на слични потези на САД.

Тој, исто така, истакнува дека и Москва и Вашингтон ќе продолжат да се предупредуваат 24 часа пред планираното пробно лансирање на интерконтинентални балистички ракети и лансирање балистички ракети од подморници.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2024 03:07