Лидерите на Европската Унија денеска во Брисел ќе бидат домаќини на нивните колеги од шесте земји од Западниот Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, кои имаат амбиции да станат членки на ЕУ и со години чекаат на тоа, наведува ДПА во осврт на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан.
- Кога и дали тие ќе станат членки е нејасно, бидејќи 27-члената ЕУ не покажа наклоност да брза со пристапувањето, иако потребните реформи во некои земји неодамна добија на интензитет, се наведува во текстот.
Според ДПА, Самитот ќе биде искористен за продлабочување на меѓусебните врски во услови на борба за влијание во регионот, во услови на руската агресија врз Украина и зголемените геополитички амбиции на Кина, кои дадоа нов поттик на процесот на проширување на ЕУ.
- Брисел сака да го искористи членството во ЕУ како морков во натпреварот со Русија и Кина за економско и геополитичко влијание и затоа се обиде повторно да го забрза проширувањето. Сепак, напредокот е постепен и бавен, смета авторот на написот.
ДПА посочува дека ЕУ бара земјите од Западниот Балкан да се усогласат со надворешно-политичките цели на блокот, особено во поддршката на Украина и почитување на западните санкции кон Русија.
- Србија, која има силни историски врски со Москва, иако ја осудува нејзината инвазија на Украина, одби да ги применува западните санкции кон Кремљ, а Белград увезува и големи количества руски гас. Кинеските инвестиции, исто така, се важен фактор во регионот, при што Пекинг се натпреварува со САД и ЕУ за стратешко влијание, во услови на глобалните геополитички превирања, се заклучува во освртот.