Пратеничкиот дом на чешкиот Парламент денеска го продолжи привремениот азил за воените бегалци од Украина до крајот на март 2026 година и ги измени прописите за државјанство само за Русите.

Во законот наречен „Лекс Украина“, Министерството за внатрешни работи вклучи неколку мерки – покрај издвојувањето на Русите како единствени странци, кои не можат да имаат двојно државјанство во Чешка, беше воведено и ново кривично дело неовластено дејствување во интерес на странска сила.

За новото кривично дело предвидена е максимална казна од пет години затвор за лицата кои би собирале чувствителни информации, дури и достапни од отворени извори, или следеле други лица во интерес на странска држава на штета на интересите на Чешка.

- Овие промени несомнено се поврзани со безбедносни закани, наведе министерот за внатрешни работи Вит Ракусан.

Чешката влада смета дека укинувањето на двојното државјанство за Русите е добар одговор на хибридната војна што Русија ја води против Европска Унија, вклучително и Чешка, и дека ќе го стесни просторот за маневрирање на потенцијалните руски агенти.

Опозицијата денеска жестоко се спротивстави на продолжувањето на привремениот азил за уште една година за околу 380.000 Украинци, главно жени и деца кои пред војната најдоа засолниште во Чешка.

„Лекс Украина“ и измените на законот мора да бидат усвоени од Сенатот и потпишани од претседателот Петр Павел



Автор: Администратор
Објавено на: 19/12/2024 00:11