Во услови кога старата Сирија ја нема, новата се уште не е родена, се отвораат многу прашања како тоа дали ќе има политичка транзиција која ќе го почитува националното единство, дали сите малцинства ќе бидат безбедни и заштитени и дали ќе продолжи борбата против исламистичката група Исламска држава, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќање пред Европскиот парламент во дебатата посветена на утрешниот Самит на ЕУ.
- Иднината на Сирија е полна со ветувања, но и со ризици. Следните недели и месеци ќе бидат клучни за нејзиното обликување и Европа ќе ја игра својата улога во тоа. Сирија дели поморска граница со една од нашите земји членки. Настаните во Сирија не погодија длабоко во последната деценија. Кредибилна и инклузивна транзиција е суштински европски интерес, нагласи Фон дер Лајен.
Таа потсети дека ЕУ оваа година веќе одвои над 160 милиони евра за Сирија, но дека треба да се размислува и за проширување на европската поддршка надвор од хуманитарната помош, како и за преиспитување на санкциите, со цел ја олесни обновата на земјата.
Во врска со сириските бегалци, Фон дер Лајен порача дека иако дел од нив почнаа да се враќаат во Сирија, сепак остануваат ризиците по безбедноста на поединци и на етнички групи.
- Иако сите бегалци имаат право да се вратат, тоа мора да биде доброволно, безбедно и достоинствено. Европа е подготвена да ги поддржи Сиријците кои ќе одлучат да си вратат дома на секој чекор од патот. Сирија му припаѓа на целиот нејзин народ и сите Сиријци имаат право да ја земат иднината на земјата во свои раце, додаде Фон дер Лајен.
Таа истакна дека падот на режимот на Башар Асад во Сирија претставува „предупредувачка приказна за границите на моќта“ на Русија, која и по три години не успева да го скрши отпорот на Украина, дури и со ново оружје, војници од Северна Кореја и нов бран напади врз енергетската инфраструктура на земјата.
Според неа стратегија на рускиот претседател Владимир Путин е јасна и тој се обидува да оствари придобивки на теренот и да го тероризира украинскиот народ, па затоа зајакнувањето на Украина во моментов не е само морален, туку и стратешки императив.
- Светот гледа. Нашите пријатели, а уште повеќе нашите непријатели, внимателно ќе набљудуваат како ја одржуваме нашата поддршка за Украина. И оваа поддршка мора да биде цврста, нагласи претседателката на Еврокомисијата.
Фон дер Лајен изјави дека иако ЕУ направи многу за помош на Украина, сепак мора да направи повеќе, па затоа на утрешниот Самит ќе побара од европските лидери да обезбедат дополнителна поддршка за земјата, особено за нејзиниот енергетски систем кој на стартот на зимата се соочува со „најнепосреден предизвик“.
Таа оцени дека од суштинско значење е да се поткопаат можностите за обезбедување „приходи на Путин“ и најави дека во подготовка е нов, 16-ти пакет санкции кон Русија.
- Нашите санкции го земаат својот данок од руската економија. Рубљата е на најниско ниво од почетокот на војната и покрај огромните контрамерки од страна на Руската централна банка. Инфлацијата во некои сектори на руската економија достигна 70 отсто. Испраќаме јасна порака до Кремљ: Колку подолго трае војната, толку е поголема цената за руската економија, додаде Фон дер Лајен.
Според неа, ЕУ ќе мора да продолжи и со политичка поддршка за Украина, која, како што рече, постигнаа огромен напредок на патот кон членството во ЕУ и ако Киев продолжи со овие напори, Унијата треба да биде подготвени да ги започне преговорите по кластери со земјата на почетокот на 2025 година.
- Ова е момент да се остане на курсот. Без разлика што ќе се случи следно, треба да ги имаме на ум клучните принципи. Прво, Украина мора да остане независна држава, со право да ја избере сопствената судбина. Второ, Украина треба да одлучи за сопствената територија. И трето, секогаш треба да имаме на ум дека кога зборуваме за безбедноста на Украина, зборуваме за безбедноста на Европа. Ни треба праведен и траен мир, за Украина и за цела Европа. Ви благодарам и да живее Европа, заклучи Фон дер Лајен во обраќањето.