Сопственикот на британскиот весник „Гардијан“ денеска потврди дека го продал „Обзервер“, најстариот неделен весник во светот, на „Тортоиз медиа“.
Компанијата Скот Траст, која е сопственик на Гардијан медиумската група, соопшти дека Тортоиз Медиа го купува Обзервер преку комбинација на готовина и акции.
Обзервер е основан во 1791 година и стана дел од медиумската група Гардијан во 1993 година.
Тортоиз е основана во 2019 година од страна на Џејмс Хардинг, поранешен уредник на лондонскиот Тајмс и директор на вести во Би-Би-Си, заедно со поранешниот американски амбасадор во Лондон, Метју Барзун.
Согласно договорот, Тортоиз склучи петгодишен комерцијален договор со Гардијан според кој ќе плаќа за услуги за печатење и дистрибуција, како и за маркетинг услуги.
Скот Траст исто така, ќе преземе девет отсто од акциите на Тортоиз Медиа и ќе инвестира 5 милиони фунти во Тортоиз медиа како дел од инвестицијата од 25 милиони фунти.
- Овој договор обезбедува нови инвестиции и идеи за Обсервер, што ќе ја унапреди улогата што ја игра либералното новинарство во нашето општество, изјави Оле Џејкоб Санди, претседател на Скот Траст.
Главен уредник ќе биде Хардинг, а за уредничка на печатеното издание е именувана Луси Рок.
На продажбата на Обзервер се спротивставија новинарите од медиумската група Гардијан, што кулминираше со дводневен штрајк на почетокот на овој месец.