Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска соопшти дека предлогот за прекин на огнот во Украина за време на Божиќ и натаму е актуелен, а украинскиот претседател Володимир Зеленски мора сам да преземе одговорност дали ќе го прифати или не.
„Предлогот за прекин на огнот е на маса. Земи или остави. Тоа е твоја одговорност“, напиша Орбан на социјалната мрежа Икс.
Орбан рече дека на маса е можноста за масовна размена на воени заробеници и прогласување на Божиќно примирје.
„Едната страна тоа го прифати, додека се чини дека другата тоа го одби. Но, има уште неколку дена до Божиќ и ние се надеваме на најдоброто“, рече Орбан.
Орбан пред една недела изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрлил предлогот на Унгарија до Украина за Божиќ да воспостави примирје со Русија и да изврши голема размена на затвореници.