Полската Влада усвои пакет измени на законите за миграција кои ѝ даваат право на државата привремено, во услови на хибридни напади од Русија, да запре со прием на барања за азил за период од два месеци.
- Никој не планира укинување на правото на азил, но денеска тоа право се злоупотребува од непријателите на полската држава, особено на границата со Белорусија, изјави премиерот Доналд Туск по седницата на владата во Варшава.
Туск потсети дека оваа политика предизвикала контроверзии есеноска, бидејќи крши меѓународни конвенции и регулативи на ЕУ. - Не само што Полјаците ја поддржаа оваа мерка, туку истата доби позитивни реакции и од некои европски земји, додаде тој.
Туск, презентирајќи ги новите прописи и услови за добивање полска виза и престој, потсети дека претходната влада на конзервативната партија Право и Правда, на барање на полската економија, широко ја отвори вратата за работни и студентски визи, кои мигрантите ги користеле за веднаш да преминат во Шенген зоната на Запад.
- Стотици илјади визи им беа издадени на луѓето да студираат на полските универзитети и тие никогаш не се појавија. Отворени сме за секој што сака да студира кај нас, но поставуваме услови кои ќе оневозможат злоупотреба на организаторите на илегалната миграција, појасни Туск.
Согласно новите прописи, странците кои сакаат да студираат во Полска ќе мора да докажат дека имаат завршено средно образование и дека навистина се запишале на универзитет.
Дополнително, Полска ги стави под посебна државна заштита стратегиските компании, вклучувајќи две најголеми приватни телевизии, ТВН и Полсат, и неколку телекомуникациски провајдери.
„Мораме да ги заштитиме овие компании од неповикани раце,“ истакна Туск, алудирајќи на можноста за непријателско преземање од страна на Русија преку посредници.