Украинскиот претседател Володимир Зеленски даде интервју за францускиот весник Ла Паризиен, во кое зборуваше за можноста за преговори со Русија за примирје во Украина и за најавите од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за крај на војната.
Зеленски изјави дека нема да поддржи замрзнување на конфликтот со Русија за да се забрзаат мировните преговори, нагласувајќи ја својата посветеност на заштитата на украинските интереси и територијалниот интегритет.
„Доналд Трамп знае за мојата желба да не ги брзам работите на штета на Украина,“ изјави Зеленски, додавајќи дека секој мировен договор мора да вклучува враќање на окупираните територии и гаранции за безбедноста на Украина.
Според информациите, тимот на Трамп работи на стратегија која би ги довела Украина и Русија на преговарачка маса. Трамп навести дека двете страни ќе мора да направат одредени отстапки за да се стави крај на конфликтот додека ја критикуваше континуираната воена и финансиска помош на САД за Киев.
За време на кампањата, Трамп често изразуваше скептицизам за понатамошната поддршка за Украина и повикуваше на брз крај на војната, нагласувајќи ја важноста за намалување на трошоците за САД. Неговиот пристап предизвика загриженост кај украинските власти, кои стравуваат дека новата администрација би можела да ја намали поддршката, која е од клучно значење за одбраната на Украина.
Зеленски повтори дека секој мировен договор мора да вклучува враќање на окупираните територии и гаранции за безбедноста на Украина. - Замрзнувањето на конфликтот само ќе го продолжи страдањето и ќе и овозможи на Русија да се прегрупира. Тоа би било опасно, рече тој.
Украинскиот претседател постојано одбиваше слични предлози, тврдејќи дека „замрзнат“ конфликт би значел откажување од правдата за украинскиот народ и за жртвите од војната.
„Би било опасно да се каже „го замрзнуваме конфликтот и ќе се договориме со Русите“, додаде тој, нагласувајќи дека (рускиот претседател Владимир) Путин „уби многу Украинци“.
Зеленски, исто така, по првпат јавно призна дека Украина сама не може да ги врати окупираните територии на Крим и Донбас, кои се речиси целосно контролирани од Русија. - Не можеме да се откажеме од нашите територии. Уставот на Украина го забранува тоа. Де факто, овие територии моментално се под контрола на Русија. Ни недостига сила да ги вратиме. Можеме да се потпреме само на дипломатскиот притисок од меѓународната заедница да го принуди Путин да седне на преговарачка маса, рече Зеленски.
За тоа дали би се сретнал лице в лице со Владимир Путин, Зеленски рече: „Не се работи за тоа кој седи спроти вас, туку за позицијата во која сте кога преговарате. Не верувам дека сме во слаба позиција. но не сме ниту во силна позиција. Дали ќе влеземе во НАТО? Не знаеме. Дали ќе станеме дел од Европската Унија? Да, некогаш, но кога?"
Тој предупреди дека влегувањето во преговори со Путин по сегашни услови ќе му даде на рускиот лидер моќ да ги диктира условите низ целиот регион. - Прво треба да развиеме модел, акционен план, мировен план - наречете го како сакате. Потоа можеме да му го претставиме на Путин или, пошироко, на рускиот народ, вели Зеленски.
Тој исто така посочи дека ниту еден светски лидер „нема право да преговара со Путин без Украина“. „Никому не сме го делегирале овој мандат. Ние сме жртвите, потенцираше Зеленски.
Додека Украина бара дополнителна меѓународна поддршка, промената на американското раководство може да додаде несигурност во динамиката на конфликтот. Зеленски изрази надеж дека Трамп, и покрај неговата реторика, ќе ја разбере стратешката важност на поддршката на Украина во нејзината борба против руската агресија.