Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани денеска предупреди на опасноста актуелните економски проблеми на Германија и Франција да се прошират надвор од нивните граници, јави италијанската новинска агенција АНСА.
„Економската ситуација во Германија и Франција не помага за развојот на внатрешниот пазар. Не треба да се радуваме на тешкотиите во овие две земји со кои имаме исклучителни економски односи, но мора да ги земеме предвид“, рече Тајани на отворањето на економскиот форум во Милано.
Според него, ако работите одат лошо таму, нема да одат добро ниту во Италија.
Тајани ја истакна важноста на мерките за „зајакнување на индустрискиот систем“ во Италија за да се ублажат овие ризици.
Тој додаде дека овој пристап не значи владина интервенција, туку поттикнување на средина во која италијанските компании можат да напредуваат, а јасните регулативи и стимулации за иновации се суштински чекори во оваа насока.