Европската комисија испрати „прелиминарни наоди“ до американската компанија „Епл“ во врска со двете барања од септември годинава за обезбедување на интероперабилност на уредите ајФон, како и за овозможување на попредвидлива и транспарентна интероперабилност за трети страни согласно Законот за дигитални пазари на ЕУ (ДМА).

„Прелиминарните наоди“ претставуваат документ со спецификации на предложени мерки за кои Еврокомисијата смета дека една компанија треба да ги спроведе врз основа на одредбите од ДМА.

Во случајов со „Епл“, ЕК смета дека компанијата треба „ефективно да се усогласи со своите обврски за интероперабилност во врска со неколку функции за поврзување со ајОС, кои претежно се користат за и од поврзани уреди“.

Станува збор за испраќање известувања за автоматско поврзување на Ви-Фи, ЕрПлај или ЕрДроп или, пак, за автоматско префрлување на Блутут.

Во „прелиминарните наоди“ за второто барање се наведени предложените мерки што Комисијата смета дека „Епл“ треба да ги спроведе во врска со „процесот што го поминуваат програмерите за да добијат интероперабилност со специфична функција на ајОС или ајПадОС“.

- За да се осигура дека со овие предложени мерки се постигнува ефективна интероперабилност во согласност со ДМА, Комисијата започна две јавни консултации: за мерките релевантни за поврзаните уреди кои бараат интероперабилност со ајОС, како и за процесот на барање за интероперабилност на „Епл“ за трети страни, се наведува во соопштението на Еврокомисијата.

Сега заинтересираните страни имаат рок до 9 јануари 2025 година да ги достават своите ставови за секоја од предложените групи мерки.

Според ДМА, „Епл“ е обврзана на програмерите и бизнисите да им обезбеди слободна и ефективна интероперабилност со хардверските и софтверските карактеристики на неговите оперативни системи ајОС и ајПадОС, кои се основни услуги на платформата заради која компанијата доби статус на еден од „дигиталните чувари“ на ЕУ.

По добиените повратни оценки за предложените мерки во наодите од заинтересираните страни и од „Епл“, Комисијата „внимателно ќе ги процени“, по што има рок од шест месеци за евентуално отворање на постапка против американската компанија заради неусогласеност со ДМА.

Според Законот, Комисијата може да донесе одлука во која ќе бара специфични мерки што треба да ги спроведе еден „дигитален чувар“ за да ги исполни обврските од членовите 6 и 7 од ДМА



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2024 15:37