Пазарот на трудот на ЕУ во текот на 2023 година остана силен и покрај економското забавување, историски ниската невработеност и отворените нови 5,5 милиони работни места од 2019 година, во најголемиот дел благодарение на државјаните на трети земји кои не се членки на Европската Унија, се наведува во Извештајот на Европската комисија за состојбата на пазарите на трудот и платите во Европа за 2024 година.
Според извештајот, поволните движења на пазарот на труд овозможуваат подобрување во усогласувањето меѓу бројот на баратели на работа и слободните работни места.
Во Извештајот се наведува и дека во 2023 година, реалните плати на европските граѓани почнале одново да се зголемуваат, по нивниот пад предизвикан од Ковид-пандемијата, инфлацијата и енергетската и економската криза иницирани од руската инвазија врз Украина.
- Домаќинствата со пониски примања беа подобро заштитени, главно поради значителните зголемувања на законските минимални плати што помогнаа да се ублажи влијанието на високата инфлација врз куповната моќ на лицата со мали плати, се посочува во извештајот.
Во документот се посочува дека ваквите податоци ја покажува важноста на новите правила за минимална плата на ЕУ, што беа воведени за да се зајакне социјалната правичност во Унијата и европската економија да се направи поинклузивна, без оглед на возраста и полот.
Според Извештајот, новите правила „ги зголемуваат можностите постарите работници да останат подолго во работен однос“, па се предвидува дека до 2030 година во ЕУ ќе има дополнителни 8,8 милиони работници на возраст меѓу 55 и 68 години.
Ваквиот раст на бројот на повозрасни работници делумно е резултат на неодамнешните пензиски реформи во некои земјите членки на ЕУ, меѓу кои и зголемувањето на старосната граница за пензионирање.
Некои специфични групи постари работници остануваат недоволно застапени на пазарот на трудот, па нивното поголемо вклучување во активната работна сила би било можно преку мерки за насочена поддршка, се наведува во извештајот.
Сепак, според документот, ниската продуктивност, се поголемиот недостиг на квалификувана и стручно оспособена работна сила и трендот на стареење на населението, долгорочно би можеле „да ги поткопаат“ сегашните позитивни промени на пазарот на трудот и долгорочната конкурентност на ЕУ.
Токму намалената работна продуктивност, недоволниот број квалификувани работници и стареењето на населението, се посочуваат и како ризици за способноста на ЕУ да се натпреварува на глобално ниво, да го одржи својот економскиот раст, да отвора нови работни места и да го подобри на животниот стандард на своите граѓани.