Јавното обвинителство до МВР и СВР Скопје издало наредба за поведување на прекршочна постапка против Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, откако тој беше фатен со поголема количина на пиротехнички материјали.

Од Обвинителство посочуваат дека не се повлекло од гонење, туку дека по целосно спроведена предистражна постапка и вештачење, утврдиле прекршочна одговорност.

-Не е точно дека Јавното обвинителство се повлекло од гонење на наведеното лице. Напротив, по целосно спроведена предистражна постапка и наредено вештачење, обвинителството ги обезбедените докази утврдуваат прекршочна одговорност на лицето и издаде Наредба до МВР – Биро за јавна безбедност – СВР Скопје со која побара поведување на прекршочна постапка против пријавениот согласно одредбите од Законот за заштита од експлозивни материи. Во однос на кривична одговорност, вешто лице изврши увид и анализа на запленетите пиротехнички средства и детално констатираше поединечно за каков вид на пиротехнички производи станува збор. Согласно извршеното вештачење, во конкретниот случај се работи за 7 петарди и 15 кутии со ракети за огномет, чии испалувања биле евидентирани поединечно, но во суштина се поврзани и претставуваат една целина. За набавката на огнометот пријавениот поседувал фактура од правно лице чија што дејност е продажба на пиротехнички средства, а за изведба на огнометот било ангажирано друго правно лице, велат од Обвинителство.

Согласно извештајот, од ЈОРСМ, наведуваат дека предметниот пиротехнички материјал кој бил пронајден и одземен не е од поголемо количество кое може да иницира кривичен прогон и евентуална кривична одговорност, а во прилог на тоа говори и фактот што Министерството за внатрешни работи како надлежен орган за настанот достави известување, а не кривична пријава до обвинителството.

-Сепак, јавниот обвинител, постапувајќи и испитувајќи ги сите околности, утврди дека лицето не поседувало одобрение за превезување на пиротехничките средства како што налага Законот, нешто што претставува прекршок за кој Законот за заштита од експлозивни материи има посебни прекршочни одредби во чл.69 и за кои е предвидено да се води прекршочна постапка од страна на комисија во Министерството за внатрешни работи, информираат од Обвинителство.

Од Обвинителство, нагласуваат дека, другата постапка против истото лице во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е во тек.

На 30 декември 2023 година, во 19:50 часот на улица „Самуилова“ во Скопје, полициски службеници запреле патничко моторно возило „ренџ ровер“ со албански регистерски таблички, управувано од Д.А. (25) од кичевското село Зајас. При преглед на возилото, како што информираа тогаш МВР, се пронајдени 749 пиротехнички средства.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2024 15:48