Во Основниот кривичен суд денеска со изведување на материјални докази продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
На рочиштето, обвинителката Жаклина Трајковска во кратка содржина пред Судот образложи 180 од вкупно 197 докази, кои се однесуваат на локациите каде биле најдени жртвите, наодите од увидите на истражните органи, најдените траги, обдукциските наоди, како и извештаи од психијатриските вештачења.
Како што посочи обвинителката, жртвите биле усмртени со истрел во главата од непосредна близина, со ист калибар на куршум од 9 милиметри, посочувајќи дека обдукцијата покажала дека Вања не била задушена, односно и двете жртви биле живи во моментот на егзекуцијата, на што обвинетиот Љупчо Палевски приговараше дека не се пронајдени негови отпечатоци од прсти.
Според ДНК анализата од самолепливата лента која била на устата на Вања, пронајдени се мешани траги од девојчето, како и, најверојатно траги од обвинетиот Велибор Манев.
Како дел од материјалните докази на обвинителството, Трајковска образложи дека во возилото Рено кангу на седиштата биле пронајдени траги од обвинетите Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видоевски, траги од отпушоци на цигари кои потекнуваат од Влатко Кешишев и Боре Видоевски, како и траги од кружок на пластично шише со вода.
Вештачењето, исто така, покажало дека примероците од кал земени од тркалата на возилото Рено кангу не се совпаѓаат со пронајдените остатоци од кал на чевлите и под ноктите на Вања.
Според наодите, смртта на Панче Жежовски била насилна, егзекутиран во исправена полунаведната положба. Во врска со ова, Палевски побара од обвинителката да објасни и за церадата во која бил завиткан Панче, бидејќи, како што рече, на неа нема траги или отисоци поврзани со него.
На судењето беше презентирано и психијатриското вештачење на обвинетите кое покажало дека сите биле пресметливи, односно знаеле што прават во моментот на извршување на делото. За нивните жртви, повикувајќи се на психијатриските наоди, обвинителката Трајковска, рече дека претрпеле тешко психичко страдање со силен интензитет.
Палевски побара изземање на судијата Ивица Стефановски, бидејќи, како што рече, се работи за спрега помеѓу судот, полицијата и обвинителството. Според Палевски, недозволиво е судијата да не е заинтересиран за пронаоѓање на оружјето со кое се извршени двете убиства, а пронајдената чаура во близина на Велес да не е доставена како доказ.
На изминатите рочишта сведочеа полициски службеници кои го вршеле претресот во домот на Палевски, семејствата на убиените како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска. Судењето продолжува на 20 јануари со изведување на материјални докази.