На научната конференција „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“, што се одржа во Корча, свое обраќање имаше и Ректорот на Универзитетот „Фан С. Ноли“ Лоренц Економи, кој оцени дека настанот е одлична можност за размислување за развојот и предизвиците на изучувањето на македонскиот јазик во Албанија во текот на овие децении, како и за зачувување и промоција на културната и јазичната разновидност.

Според него, изучувањето на мајчиниот јазик на националните малцинства, како што е македонскиот јазик, има исклучително значење за зајакнување на националниот и културниот идентитет, помага во зајакнувањето на врските во заедницата и нуди можности за зачувување на богатото културно наследство, обезбедување еднаква инклузија и целосни права на малцинските групи во општествениот и културниот живот.

-Во оваа насока, Универзитетот „Фан С. Ноли“ е посветен на давање значителен придонес во зачувувањето и промоцијата на македонскиот јазик и културниот идентитет на македонската заедница во Албанија. Ова може да се реализира преку развој на академски програми и курсеви посветени на изучувањето на македонскиот јазик, не само за студентите, туку и за членовите на македонската заедница и за сите кои сакаат да го изучуваат овој јазик. Исто така, ќе продолжиме да поддржуваме научни истражувања за историјата и развојот на македонскиот јазик во Албанија, придонесувајќи за збогатување на академската област и за промоција на културниот идентитет, нагласи тој.

Посочи дека со организирање активности, семинари и конференции, Универзитетот ќе продолжи да биде платформа за научни и културни дискусии кои придонесуваат за „зајакнување на врските меѓу нашите два наши народа и за промоција на јазичната и културната разновидност“.

-Дополнително, поддршката на издавања и научни публикации е уште еден чекор што го целиме за зачувување и збогатување на културното и јазичното наследство на двата народи. Преку овие активности и заложби, Универзитетот „Фан С. Ноли“ е посветен на зачувувањето на културниот идентитет на Македонците во Албанија, обезбедувајќи ова наследство да се пренесува од генерација на генерација и да остане жива сила во културниот и општествениот живот на нашиот регион, вети Економи.

Во рамки на овие активности, тој ја истакна соработката на Универзитетот „Фан С. Ноли“ со Општина Пустец во активности и заеднички проекти кои имаат за цел евидентирање, зачувување и промоција на природните, историските и културните вредности на регионот каде што живее македонската заедница.

-Овие активности придонесуваат за зголемување на свесноста за природното и културното богатство на регионот, поддржувајќи одржлив развој и промоција на културниот туризам, како и зајакнување на врските меѓу македонската заедница и останатиот дел од албанското општество. Оваа соработка е значаен чекор за зачувување на културното наследство и за напредок на социјалниот и економскиот развој на регионот, оцени ректорот Економи.

Заблагодарувајќи се за честа што може да учествува и да се обрати на овој значаен настан посака „да продолжиме да ја заштитуваме и промовираме нашата јазична и културна традиција, оставајќи богато наследство за идните генерации“.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2024 22:19