Генералната директорка на Меѓународната организација за миграција на ОН (ИМО), Ејми Поуп денеска изјави дека масовното враќање на бегалците во Сирија, по падот на режимот на Башар ал Асад, ќе ја преоптовари земјата и да предизвика судир во кревкото општество.
- Ние не сме за масовно враќање на бегалците. Да бидам искрена, заедниците едноставно не се подготвени да ги апсорбираат раселените, посочи Поуп и ги повика донаторите да помогнат во стабилизирањето и обновата на земјата.
Таа упати апел и до лидерите на европските земји да ги забават плановите за враќањето на Сиријците во татковината. Дел од европските земји веќе го замрзнаа процесуирањето на барањата за азил за Сиријците.
Поуп предупреди дека припадници на некои сириски заедници би можеле да ја напуштат земјата поради новата власт предводена од Хајат Тахрир ал Шам (ХТС), група поврзана со Ал Каеда и која е на листата терористички организации.
- Слушнавме за такви планови во некои заедници, како христијанските заедници, кои сè уште не побегнале, но се многу загрижени за тоа што би можело да се случи во следните неколку месеци и сакаат гаранции дека нема да станат цели на напади истакна Поуп.
Голем број Сиријците веруваат дека новата влада се приклонува кон религиозно владеење и оти ќе ги маргинализира малцинските заедници како што се христијаните, Друзите и Курдите и ќе ги исклучи жените од јавниот живот.