Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп денеска и се закани на Европска Унија со царини доколку не го намали трговскиот дефицит со Вашингтон со купување нафта и гас.
- И кажав на ЕУ дека мора да го реши својот огромен дефицит со САД со купување на нашата нафта и гас во голем обем. Во спротивно, ќе биде воведена царина, објави Трамп на „Трут сошал“.
Додека западните медиуми објавија дека Трамп всушност треба да мисли на трговскиот дефицит на САД со ЕУ, а не обратно како што напиша.
Увозот на стоки од ЕУ во 2022 година изнесува 553,3 милијарди долари (533,17 милијарди евра), додека американскиот извоз во ЕУ изнесува 350,8 милијарди долари (338,04 милијарди евра), покажуваат американските податоци, што претставува трговски дефицит од 202,5 милијарди долари (195,13 милијарди евра) за САД, а не за ЕУ.
Трамп, кој ќе стапи на должност во јануари, претходно се закани дека ќе воведе поголеми царини за американските трговски партнери, вклучително Канада, Мексико и Кина, што би можело да има последици по светската економија.