Околу три четвртини од Израелците се за прекин на огнот во Газа што ќе доведе до договор за размена на заробеници, покажале резултати од анкета, што ја објави израелскиот дневен весник „Маарив“.
Според анкетата, 74 отсто од испитаниците веруваат дека Тел Авив сега треба да постигне сеопфатен договор за да се обезбеди враќање на сите затвореници, дури и ако тоа бара запирање на воените офанзиви во Газа.
Овој став го поддржуваат 84 отсто од испитаниците од опозициските партии и 57 отсто од оние кои припаѓаат на актуелната владина коалиција.
Спротивно на тоа, само 16 отсто од испитаниците поддржале делумен договор, додека десет отсто немале конкретно мислење.
Во последниве месеци, семејствата на израелските затвореници во Газа го засилија притисокот врз владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху да постигне договор.
Опозициските лидери и семејствата го обвинуваат Нетанјаху за застој во разговорите за да ја задржи својата позиција бидејќи екстремистичките министри од кабинетот, вклучително и министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир и министерот за финансии Безалел Смотрич, се заканија дека ќе ја напуштат владата доколку се постигне целосен прекин на огнот.
Анкетата, исто така, покажа дека 61 отсто од Израелците веруваат дека армијата треба да го задржи своето присуство долж границата со Сирија додека не се врати стабилноста. Други 25 отсто поддржуваат ограничено присуство, додека 14 отсто се неопределени.