Полскиот амбасадор во Будимпешта е итно повлечен во Варшава на неопределено време, соопшти денеска портпарол на Министерството за надворешни.

Напнатоста помеѓу Полска и Унгарија се зголеми откако Унгарија одобри прибежиште на поранешен полски пратеник од десничарската популистичка партија „Право и правда“, кој е баран од полските власти со европски налог за апсење, пренесува ДПА.

Вчера Унгарија му даде азил на поранешниот заменик-министер за правда Марчин Романовски. Полскиот суд претходно го прифати барањето од обвинителите за издавање на европски налог за апсење на 48-годишниот Романовски.

Дополнително, Полска го повика унгарскиот амбасадор и му врачи протестна нота.

Романовски е под истрага од страна на полските обвинители за 11 обвиненија, меѓу кои и членство во криминална организација.

Се наведува дека како заменик-министер за правда пренасочувал милиони злоти од фондот за жртви на криминал во проекти кои, според тогашниот министер за правда Збигњев Жобро, ќе биле од корист за партијата.

Романовски ги отфрла сите обвинувања.

Десничарската партија „Право и правда“ ја водеше Полска од 2015 до 2023 година и сега е најголемата опозициска партија.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2024 22:49