Европската Унија изрази загриженост поради одлуката на црногорскиот парламент да го прекине мандатот на тројца уставни судии, бидејќи тоа е надлежност на Уставниот суд, изјави портпаролот на Европската комисија Гијом Мерсие за РТЦГ.
Црногорската парламентарна Комисија за уставни прашања во средата констатираше дека тројца судии ги исполнуваат условите за пензионирање. Веднаш потоа, претседателот на парламентот Андрија Мандиќ констатираше прекин на мандатот на судијката Драгана Ѓурановиќ, што предизвика полемики и обид за бојкот од опозицијата.
Мерсие ги повика црногорските институции да го почитуваат владеењето на правото и уставот, кои се клучни за европската интеграција.
Тој истакна дека според Уставот, одлуките за прекин на мандатите треба да ги носи Уставниот суд врз основа на критериуми за пензионирање.
„ЕУ потсетува дека Црна Гора треба да ја измени правната рамка за критериумите за пензионирање на судии, во согласност со препораките на Венецијанската комисија,“ додаде Мерсие.
Со пензионирањето на уште тројца судии, Уставниот суд ќе остане со само тројца, што би значело блокада на неговата работа.