Италијанската агенција за заштита на податоците, позната како Гаранте, денеска ја казни OpenAI со 15 милиони евра, откако ја заклучи истрагата за тоа на кој начин ChatGPT, популарниот четбот на оваа американска компанија за вештачка интелигенција, собира лични податоци од корисниците.

Гаранте соопшти дека истрагата утврдила дека OpenAI ги користел овие податоци за обука на ChatGPT „без соодветна правна основа“ и ги прекршил принципите на транспарентност, нанесувајќи штета на корисниците.

OpenAI ја оцени одлуката како „диспропорционална“ и најави жалба.

„Во 2023 година, кога ни наредија да го прекинеме работењето на ChatGPT во Италија, соработувавме со нив за да го обновиме неговото функционирање еден месец подоцна. Потоа го признаа нашиот водечки пристап во индустријата за заштита на податоци при користење на вештачка интелигенција, но сепак, оваа казна е 20 пати поголема од приходите што ги остваривме во Италија за релевантниот период“, се вели во соопштението на OpenAI.

Сепак, компанијата додаде дека ќе продолжи да соработува со надлежните органи во светот за да нуди корисна вештачка интелигенција која ги почитува правилата за приватност.

Истрагата, започната минатата година, утврдила и дека OpenAI нема соодветен систем за проверка на возраста на корисниците, што овозможува деца помали од 13 години да бидат изложени на несоодветни содржини генерирани од вештачката интелигенција.

Агенцијата му наложи на OpenAI да спроведе шестмесечна информативна кампања во различни италијански медиуми за да ја информира јавноста за тоа како функционира ChatGPT, особено во врска со собирањето податоци.

Популарноста на генеративните системи за вештачка интелигенција, како ChatGPT, привлече внимание од регулаторните тела од двете страни на Атлантикот.

Регулаторите во САД и Европа спроведуваат истраги за OpenAI и други компании кои одиграа клучна улога во „бумот“ на вештачката интелигенција, додека владите ширум светот работат на правила за заштита од ризиците што ги носат овие системи.

Европската Унија веќе подготви Закон за вештачка интелигенција, сеопфатен правилник за оваа област.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2024 23:06