Родителите на шестгодишно момче од Аделаида, Јужна Австралија, се обвинети дека лажирале дијагноза на рак кај детето, бричејќи му ја главата и веѓите, за да соберат пари за себе.

Маж и жена, двајцата на возраст од 44 години, се обвинети дека со измама собрале 60.000 долари за лажното лекување. Говорејќи за овој случај, вршителот на должноста помошник-комесар, Џон де Кандија рече дека „не може да се замисли посуров план од овој што родителите го направија“ со своето дете, пишува „Гардијан“.

- Одвратно е како луѓето сакаат подмолно да заработат од таква состојба каква што е ракот, којшто погодува толку многу семејства во нашата заедница, додаде тој.

Случајот бил пријавен в полиција на 26 ноември, па надлежните власти се поврзале со училиштето каде што детето учи и со тамошните служби за заштита на децата. Де Кандија рече дека истрагата покажала дека на детето не му е потребна медицинска помош.

Синот за кого родителите лажирале дијагноза и второто нивно дете - девојче, ѝ се одземени на несовесната двојка и краткотрајно се сместени кај роднини.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2024 05:21