На почетокот на декември, мнозинството од министрите за здравство во ЕУ изразија поддршка за зголемување на листата на места каде што пушењето е забрането во обид да се намали бројот на смртни случаи од рак. Предлогот беше одобрен откако доби поддршка од сите држави со исклучок на Германија и Грција кои беа воздржани, што ги истакна некои од политичките разлики околу проблемот.
Целта на новите правила е да се забрани пушење во јавни простори на отворено каде децата или другите ранливи групи се собираат, како игралишта, забавни паркови, јавни базени, надворешни делови од ресторани и јавен транспорт.
Препораките ги опфаќаат и поновите производи од тутун, како што се електронските цигари и уредите за загревање на тутун, во обид да ги одвратат младите од пушење. Намалената изложеност на чад од цигари и аеросоли би значело и подобра заштита за непушачите, според соопштение од ЕУ.
Една недела претходно, Европскиот парламент отфрли резолуција за истиот проблем откако десничарски европратеници усвоија амандмани со кои би се правело разлика помеѓу традиционалните производи од тутун и електронските уреди. Резолуцијата ќе имаше само симболично значење.
Европската комисија предложи да се ревидираат постојните правила од 2009 бидејќи секоја година околу 700.000 луѓе во ЕУ го губат животот поради употребата на тутун, рече новиот европски комесар за здравство Оливер Вархеји пред гласањето. „Тоа е најголемиот ризик по здравјето во ЕУ кој може да се избегне,“ Вархеји подвлече.
Се проценува дека употребата на тутун годишно убива повеќе од осум милиони луѓе на светско ниво, вклучувајќи и околу 1.3 милиони непушачи кои се изложени на пасивно пушење, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО).
Според податоците на ЕУ, една четвртина од смртните случаи од рак во ЕУ, Исланд и Норвешка може да се припишат на пушењето, што го прави тутунот една од водечките причини за рак. Сепак, земјите членки се оние кои одлучуваат за сопствените здравствени политики што значи дека новите препораки не се обврзувачки и државите можат да одлучат дали ќе ги имплементираат или не.
Како дел од европскиот план за победа против ракот, Европската комисија си даде за цел да создаде „генерација без тутун“ според која помалку од 5% од населението на ЕУ би користело тутун до 2040. Покрај тоа, ЕУ оддели значајни средства за да ги поддржи земјите членки да ги имплементираат мерките.
Преку програмата „ЕУ за здравје“, доделен е грант од 16 милиони евра за промоција на политики против пушење, додека програмата „Хоризонт“ оддели 80 милиони евра за истражувања за контрола на тутунот и спречување на зависност.
Намалена употреба на тутун но раст на е-цигарите
Употребата на тутун во ЕУ се на намали во последните децении, но бројките варираат во зависност од државата.
Според истражување на Евробарометар за ставовите на европејците за тутунот и слични производи, скоро четвртина од населението на ЕУ (24%) пуши - пад од 1% во споредба со истражување од 2020 - но оваа бројка варира во зависност од државата. Бугарија (37%), Грција (36%) и Хрватска (35%) се на врвот, додека Шведска (8%) и Холандија (11%) имаат најмалку пушачи.
Покрај растот на електронските цигари кои се особено популарни кај младите од 15 до 39 години, обичните цигари остануваат најпопуларен избор. Просечната употреба на цигари останува иста како и во 2020 и жителите на ЕУ пушат 14 цигари дневно.
„Како резултат на значајниот маркетинг на електронските цигари како поздрава алтернатива за конвенционалното пушење, тие станаа популарни кај луѓето кои се обидуваат да престанат да пушат,“ изјави Јозеф Хамуд од Универзитетски центар за медицина во Гетинген, Германија, кој е главен автор на истражување за двојната употреба на вејпинг и пушење. „Има многу работи што не ги знаеме за долготрајните здравствени последици од вејпингот,“ објасни тој.
Загрижени од можноста од зголемена употреба на електронски цигари помеѓу младите, некои држави одлучија да ги забранат електронските цигари или барем да ги забранат електронските цигари за еднократна употреба или оние со ароми погодни за деца.
Во Холандија, на почетокот на ноември, судот ја потврди владината забрана за ароматизирани електронски цигари со образложение дека тие ги поттикнуваат младите луѓе да пушат. Судот во Хаг донесе пресуда против тутунскиот гигант „Бритиш Американ Тобако“. Забраната за ароматизирани е-цигари е на сила од 1 јануари, 2024.
Поради масивниот број на смртни случаи предизвикани од тутун, голем број на здравствени истражувачи повикаа вејпингот да остане легален како алатка за откажување од цигари - но и да се направи сè што е можно да се спречат младите да почнат да пушат.
Големи разлики во ЕУ околу борбата против пушењето
Податоци од над 40 држави прибрани од европската коалиција на невладини организација кои се борат за контрола на тутунот, Smoke Free Partnership, покажуваат дека во 2022 половина од државите на европскиот континент имале „добри“ или „многу добри“ мерки за заштита на населението од пасивно пушење, на пример преку забрани за пушење на одредени места.
Некои европски држави воведоа забрани за пушење во близина на училишта, пред работни места или во спортски стадиони, но Шведска е единствената европска држава во која има целосна забрана за пушење во отворените делови од рестораните и баровите.
Во Шведска бројката на дневни пушачи е ниска во главно поради шведската традиција на употреба на „снус“ - производ од мелен тутун што се става помеѓу горната усна и непцето, и се смета за помалку штетен од пушењето бидејќи му штети само на корисникот. Според последните податоци, 22% од мажите во Шведска и 10% од жените користат снус на дневна основа.
Од 2014 постои и снус без тутун но со додаден никотин, кој стана екстремно популарен, особено помеѓу младите, бидејќи е често достапен во разни вкусови. Бидејќи официјално не се смета за производ од тутун, не е забранет од ЕУ иако постојат одредени национални забрани. Големите меѓународни компании за тутун кои се сопственици на многу од шведските произведувачи на снус жестоко се борат против неговата забрана надвор од Шведска.
Ниски даноци, голем број на пушачи?
И даноците на производите од тутун варираат помеѓу земјите членки, што директно влијае врз нивната цена и употреба.
На пример во Ирска и Обединетото Кралство - земја членка на ЕУ до 2020 - има високи даноци кои придонесуваат стапката на пушачи значително да се намали, додека во други земји, како Полска, даноците се пониски и употребата на производи од тутун останува висока.
Бугарија е меѓу првите десет држави во светот кога станува збор за бројката на пушачи и ги има најевтините цигари во ЕУ, изјави Димитар Сабев од Институтот за економски истражувања при Бугарската академија на науките за време на презентација на истражување спроведено со Виенскиот институт за меѓународни економски студии за бугарската Коалиција за живот без чад од тутун.
Експертот подвлече дека треба да се води сметка за цената на цигарите. „Нашите симулации покажаа дека процентот на пушачи во Бугарија ќе продолжи да расте ако не се промени сегашниот модел на оданочување на цигари,“ тој рече.
Според Павел Антонов од БлуЛинк, мрежа за граѓанско дејствување, и претседател на одборот на директори на бугарската Коалицијата за живот без чад од тутун, в.д. министерот за финансии „го вклучил зголемувањето на акцизите во планот што тој го предложил“.
Словенија веќе следи многу од препораките на ЕУ за намалување на пасивно пушење и аеросоли, според министерката за здравство Валентина Преволник Рупел. Построги правила ќе влезат на сила следната година вклучувајќи и забрана за ароматизирани е-цигари и уреди за загревање на тутун, како и затворањето на простории за пушачи во затворени јавни и работни места до крајот на 2025.
Државниот институт за јавно здравје проценува дека значајно покачување на цената на тутунот и поврзаните производи би придонело кон намалување на пушењето, бидејќи покрај здравствените причини, финансиските причини се најважниот фактор за луѓето да се откажат од цигарите.
Хрватска е во процес на усвојување на нов закон кој ги додава уредите за загревање на тутун во постојаната забрана за пушење на затворено. Новиот закон предвидува и забрани на отворено 20 метри од влезовите во здравствени или образовни установи.
За сега нема планови да се прошири забраната за да опфати и други јавни простори. Евентуална забрана за пушење во отворените делови од рестораните најверојатно би била пречекана со значителен отпор од сопствениците на рестораните но и гостите. Одењето на кафе е еден од најценетите општествени обичаи кои за многу Хрвати е незамислив без цигари. И покрај разните кампањи против пушењето и зголемените даноци на производите од тутун, пушењето останува популарна навика за Хрватите.
Во Романија, каде во просек 34% од населението се пушачи, пушењето е забрането во сите затворени јавни простори, јавниот превоз и игралишта. Законот исто предвидува и забрани за пушење од ученици во образовни институции и продавање на производи од тутун на лица помлади од 18.
Според истражување од Системот за надзор на ризично однесување кај младите од 2022, 40% од средношколците во Романија пушеле цигари барем еднаш во нивниот живот.
Надвор од ЕУ
Босна и Херцеговина: Почнувајќи од 13 декември, Федерацијата Босна и Херцеговина - една од двете политички единици што ја сочинуваат БиХ - ќе воведе строги забрани за пушење во јавни затворени простории. Цените на цигарите и тутунот ќе пораснат од јануари 2025 поради зголемените акцизи кои се дел од стратегија да се намали употребата на тутун преку финансиски притисок. За споредба, во Република Српска пушењето е дозволено во најголем дел од местата, иако повремено постојат дискусии за законски измени.
Албанија ја зголеми акцизата на тутун во јануари 2023. Во обид дополнително да ја засили здравствената заштита од производите од тутун, Албанската комисија за европски прашања летово предложи измени на постојниот закон против тутун. Измените имаат за цел да воведат построги казни за оние кои продаваат или нудат тутун на лица под 18 години и да ја забранат продажбата на електронски цигари, наргиле и други производи на лица под 18.
ЕНР - Брисел