Раскинат е договорот со „Енергоинвест” ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, изведувач на изградбата на 400 kV далекувод од ТС Битола 2 до македонско-албанската граница, соопшти денеска АД МЕПСО и најави дека ќе иницира нова постапка за јавна набавка според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач кој ќе продолжи со реализација на проектот.

АД МЕПСО во корекција на соопштението што претходно го достави до медиумите, наведува дека до неодложно раскинување на договорот довело неисполнувањето на обврските од страна на изведувачот и барањата на изведувачот за дополнителни плаќања. Тоа, потенцираат, доведе до неможност за постигнување согласност меѓу двете страни.

- Договорот со „Енергоинвест” ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, беше склучен на 7 февруари 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци. Рокот истече на 30.05.2023 година. Треба да се истакне дека во овој период, изведувачот неколку пати го напушташе градилиштето, барајќи дополнително плаќање, што беше одбиено од АД МЕПСО заради типот на договорот, „клуч на рака”. И покрај повеќекратните напори на АД МЕПСО за усогласување и преговарање, договор не беше постигнат. Затоа, АД МЕПСО ја донесе неопходната одлука за раскинување на договорот, наведува МЕПСО.

Од започнување на проектот, соопштува компанијата, досега се реализирани 24 од планираните 269 фундаменти за столбови (8,9 проценти), а доставени се 51,2 проценти од опремата.

- Имајќи ја во предвид настаната ситуација, одолговлекувањето на работите како и целосното еднострано напуштање од страна на изведувачот, цениме дека раскинот на овој договор, всушност претставува почеток на завршување на овој проект кој претставува врвен приоротет за АД МЕПСО и Владата на РСМ.АД МЕПСО останува посветен на завршувањето на 400 kV интерконекцијата со Албанија и веќе започна подготовки за рестартирање на проектот. Друштвото ќе иницира нова постапка за јавна набавка според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач кој ќе продолжи со реализација на проектот, соопшти АД ЕПСО.

Порачува дека успешната реализација на оваа интерконекција останува приоритет бидејќи ќе се зајакне регионалната енергетска стабилност и интеграција, со значителни придобивки за Северна Македонија, Албанија и регионот во целина.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/12/2024 13:34