Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети вели дека Артан Груби не е во бегство, бидејќи се наоѓа на албанска територија, давајќи му етничка конотација на бегството на поранешниот втор човек на партијата. Ахмети вети дека Груби ќе се врати и ќе се појави пред органите на прогонот, „но правдата не смее да биде одмаздничка и селективна“, пренесува Телевизија Ал-сат.
„Господинот Груби, според информациите што ги имам, не сум го сретнал, но е во ред. Неговата локација е секако на албанска територија, тоа е процес на кој мора да има епилог. Тој не побегнал од Македонија, подготвен е да се појави пред органите на правдата за да ги почитува законите, но не во одмазничка и селективна правда“, вели Ахмети.
Ахмети вели дека од неговите 22 години владеење со државата знае дека системот во Северна Македонија работи на одмазднички и селективен начин.
„Имаме големо искуство, 22 години по ред сме во влада и знаеме како функционира системот. Значи ние сме против селективна правда, ние сме против употреба на навреди и клевети за цели на дневната политика“, додава Ахмети.
Додека Ахмети бара правдата против неговиот соработник да не биде селективна и одмаздничка, Груби се најде на американската црна листа, за мешање во судството и корупција, при обидот да го спаси Сашо Мијалков од затвор.
Ахмети побара истрага за периодот на приватизацијата и за тогашните олигарси, додека пак, порача дека ДУИ ќе работи и со меѓународниот фактор.