Акциите на американскиот производител на патнички авион „Боинг“ се намалија за речиси четири отсто пред да се отворат берзите утринава откако авион 737-800, управуван од јужнокорејска авиокомпанија, се урна вчера при што загинаа 179 луѓе.

Познавачите очекуваат понатамошен пад на акциите на „Боинг“ а по сличните падови на друг модел, 737 Max во 2018 и 2019 година, и инцидентот со „Аљаска Ерлајнс“ во јануари годинава со откорнувањето на врата на овој модел за време на лет, соопшти денеска „Волстрит журнал“.

-По штрајковите и казната од ФАА за прикривање на сигурносни пропусти во авионот, трагедијата во Јужна Кореја е несреќен крај на една турбулетна година за Боинг, јавуваат некои американски изданија.

Во Јужна Кореја, се води истрага за да се утврдат причините за уривањето на 15-годишниот авион на авиопревозникот „Чеџу Ер“, што при обид да слета излета од пистата, удри во бетонска преграда и се запали.

Властите во земјат врши инспекции на сите авиони 737-800, во комерцијалната авијација познати како еден од основните безбедни модели. Министерството за транспорт соопшти дека во Јужна Кореја оперираат 101 авион од овој модел на „Боинг“ и дека планира инспекции за да се осигура дека се почитуваат сите прописи за сервисирање на авионите.

Непосредно пред слетувањето, контролниот центар предупредил за можен судир со птица, а пилотите на „Чеџу Ер“ испратиле сигнал за помош. Од снимките се гледа дека тркалата за слетување не се спуштени и додека авионот се лизга по пистата.

Ова е една од најсмртоносните авиокатастрофи во изминативе години.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/12/2024 04:09