Цената на електричната енергија за домаќинствата од денеска е поскапа за 0,92 проценти. Во првиот блок е повисока за 0,68 проценти, во вториот за 0,9, во третиот за 1,93 и во четвртиот за 2,24 проценти, a евтината тарифа е поскапа за 0,9 проценти. Со тоа граѓаните ќе имаат минимално зголемување на сметките, а евтината дневна тарифа најмалку до пролетва останува од 13 до 15 часот. Просечно семејство кое досега имало сметка од 2.300 денари сега ќе треба да одвои само плус 21 денар за нејзино покривање.

Ова се овозможи откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) првпат го искористи контролниот механизам при определувањето на цената на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи зошто универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, побара цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари да се зголеми за 4,4 проценти. Претходно РКЕ за седум проценти ја намали и мрежарината, а ЕСМ понуди цена од 62 евра за мегават час и покривање на 100 проценти од вкупно планираните количини на тендерот на универзалниот снабдувач.

- Ова ни е прва одлука во која што го искористивме контролниот механизам во однос на определувањето на цената на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. ЕВН Хоум како универзален снабдувач до РКЕ достави на контрола и разгледување одлука на 5 декември. Согласно нивното барање цената за домаќинствата требаше да се зголеми за 4,4 проценти. Во најголем дел немавме разлики, а единствената разлика која постои меѓу тоа што го одобривме и тоа што го достави ЕВН е во однос на факторот на корекција. За да обезбедиме ценовна стабилност и цени кои ќе имаат минимално влијание врз вкупните трошоци за електрична енергија на граѓаните постапивме на овој начин, рече неодамна претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на прес-конференција.

Постои можност сметките за потрошена електрична енергија за март, април и мај годинава да се плаќаат на рати поради актуелната состојба со коронавирусот, порача денеска претседателот на Регул

Појасни дека цената за електричната енергија кај домаќинствата се состои од два дела, едниот дел е енергија, другиот дел е мрежарина.

-Мрежарината за сите блокови е иста и изнесува 2,14 денари. Со новата одлука за првиот блок цената на енергијата е 4,44 денари, а заедно со мрежарината е 6,58 денари за киловат час. Збирната цена за вториот блок е 7,71 денар, во третиот блок е 9,57, а во четвртиот блок е 20,4 денари, додека цената на евтината тарифа изнесува 4,12 денари, прецизира Бислимоски.

Минималното зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата, додаде, го овозможи и одлуката на РКЕ со која се намали цената на мрежарината пред се во делот на дистрибуција.

- Тоа ни овозможи да имаме покомотна позиција кога ја носевме оваа одлука која што се однесува на универзалниот снабдувач. И покрај тоа што ЕСМ ја зголеми од 60 на 62 евра за мегават час цената по која ја продава електричната енергија на ЕВН Хоум намалувањето на цената на мрежарината ни овозможи да ја донесеме оваа одлука, посочи Бислимоски.

На почетокот на минатиот месец РКЕ донесе одлука со која цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија од 1 јануари се зголемува за 5,68 проценти, цената за дистрибуција на Електродистрибуција се намалува за 5,52 проценти, а цената на операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО се зголемува за 19,8 проценти. МЕПСО, пак, од РКЕ побара зголемување на цената за пренос на електрична енергија од 50,58 отсто, МЕМО за 78,58 отсто, а Електродистрибуција поднесе податоци во кои не беа вклучени трошоците за покривање на загуби во дистрибутивната мрежа, бидејќи не беше завршена постапката за набавка на електрична енергија за покривање на загубите.

Влијанието на цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија врз крајната цена по која потрошувачите ги плаќаат сметките за струја е 4 проценти, цената за дистрибуција влијае 33 проценти врз крајната цена, а цената на МЕМО влијае само 0,19 проценти. Вкупно трите ставки влијаат со 38 проценти врз крајната цена за потрошувачите.

-Успеавме да ја намалиме мрежарината поради тоа што одредени компании имаа повеќе остварен профит од тоа што е одобрено од РКЕ и тоа ни овозможи да се доведеме во ваква поволна ситуација. Во моментов, домаќинствата ја плаќаат мрежарината по 2,3 денари, а од 1 јануари ќе изнесува 2,14 денари по киловат час потрошена електрична енергија, појасни тогаш Бислимоски.

РКЕ и лани во јуни донесе одлука за минимално зголемување од 0,4 отсто на цената на струјата од 1 јули до крајот на 2024 година. При тоа цената на електрична енергија за домаќинствата во прв блок остана иста, во втор блок имаше зголемување од 0,85 проценти, во трет блок од 1,92 проценти и во четвртиот блок од 1,88 проценти, а цената на евтината струја се зголеми за 0,65 проценти.

Со тоа, како што тогаш појасни Бислимоски, за 88 проценти од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка во прв и втор блок трошокот за електрична енергија се зголеми за 0,4 проценти. За 8 проценти од домаќинствата кои што имаат потрошувачка и во трет блок трошокот на месечно ниво се зголеми за 0,48 проценти, а за 4 проценти од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка и во четвртиот блок трошокот се зголеми за 0,57 проценти.

Далновод

-Да донесеме ваква одлука, каде што реално нема никакви промени ни овозможи тоа што на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум му дадовме насока 15 проценти од количините кои што не се обезбедени да ги набавува на берзата на електрична енергија што функционира во Македонија, во периодот кога цената на електричната енергија е близу до цената што ЕСМ ја понуди на тендерот од 60 евра за мегават час и дополнително измените на Законот за енергетика што поминаа во Собранието кои овозможија да се примени новата цена на маржата што сега е 9,9 проценти, а претходно беше 11,5 проценти, прецизира тогаш Бислимоски.

На тендерот што го распиша универзалниот снабдувач ЕВН Хоум во јуни 2024 година беше прифатена цената од АД ЕСМ од 60 евра за мегават час и за покривање на 85 проценти од потребите на регулираниот пазар, додека за останатите 15 проценти беа пристигнати три понуди, но ниту една не беше прифатена поради тоа што понудите биле повисоки од моменталните пазарни цени.

Како што веќе најави претседателот на РКЕ, до пролетва ќе нема промена на временскиот период во кој домаќинствата може да користат евтина дневна тарифа за електрична енергија.

-Имавме состанок со ЕСМ и со ЕВН Хоум на почетокот на октомври 2024 година за воведување дополнителен час евтина дневна тарифа на електричната енергија за домаќинствата. Нашите анализи покажуваат дека цената на електричната енергија на најголемата берза во регионот, како и на нашата берза се најниски во периодот од 12 до 16 часот, а се највисоки од 20 до 24 часот. Имајќи во предвид дека нашите домаќинства веќе имаат стекнати навики во однос на евтината тарифа се одлучивме до пролетта 2025 година да остане ситуацијата таква каква што е, а потоа врз основа на состојбата во АД ЕСМ ќе носиме понатамошни одлуки, рече Бислимоски тогаш.

Нагласи дека дневна евтина тарифа на електричната енергија има само кај нас.

Домаќинствата евтина тарифа на електричната енергија може да користат секој ден во периодот од 13 до 15 часот и од 22 до 7 часот, како и цел ден во недела.

Валентин Јанковски



Автор: Администратор
Објавено на: 01/01/2025 21:36